Во врска со денешната прес-конференција на ОО на СДСМ Охрид, дека властите на ДПМНЕ прават се со единствена цел – блатото да се пренамени во развојна туристичка зона и да се урбанизира, со реакција излезе ОК на ВМРО-ДПМНЕ Охрид, во која стои:
„Секојдневното замајување на јавноста од страна на ОО СДСМ Охрид преку пресови е само типичен пример за нивната заплашеност од делата кои се спроведуваат во Охрид од страна на ВМРО ДПМНЕ и градоначалникот Бакрачески.
Излегуваат на прес обвинувајќи за урбанизација при тоа непокажувајќи еден единствен документ кој укажува на урбанизација на Студенчишкото блато. Единствен факт на страната на СДСМ се само клеветите и лагите и модифицираните зборови обвинувајќи ја локалната власт и ВМРО ДПМНЕ. Но ние нема да потклекнеме на ваквите небулози, напротив одиме напред кон реализирање на ветените проекти.
На денешниот прес пројавија интерес за одговори во врска со Лизгалиштето за кое потенцираме дека до сега градоначалникот Бакрачески како и секретарот Спасески во неколку наврати транспарентно укажаа на сите детали од неговото работење.Оттаму се согледува дека ОО СДСМ бара медиумско внимание а не вистински одговор.
Во врска со Плаошник и извештај од УНЕСКО за урбанизацијата за Плаошник одговорно тврдиме дека до денес нема пристигнато негативно мислење. Изградбите кои се вршат во Плаошник се во согласност со законските процедури со сите потребни одобренија проекти и конзерваторски надзор. Оттаму ова е уште едно неуспешно замајување на јавноста од страна на СДСМ.
Лажната душегрижност која ја пројавуваат за Охридскиот театар е типичен пример за тоа дека нивното неаргументирано медиумско појавување е небулозно.Имено Охридскиот театар е ветување кое остварено од страна на ВМРО ДПМНЕ. Тука нема дилеми. И додека СДСМ се грижи за работата на Охридскиот театар да потенцираме дека изминатиот период е период во кој Охридскиот театар изврши нормирање и доекипирање од технички-технолошки аспект додека за проектите кои произлегуваат од Охридскиот театар наскоро ќе бидат сведоци и охридската но и македонската јавност.
Симптоматично е и реагирањето на Тунтев во врска со тоа што дел од членовите на СДСМ ги положиле тестовите за администрација. Тестирањето беше транспарентно и регуларно и согласно законските прописи.
На ВМРО-ДПМНЕ ваквите обвинувања и манипулации од СДСМ им претставуваат само мотив повеќе за што поуспешно реализирање на ветените проекти. Ние нема да се поколебаме во нашите цели кои водат кон еден поубав и посовремен Охрид. Впрочем ние сме избрани од нашите сограѓани бидејќи знаеме што е најдобро за нашиот град.“ – се вели во реакцијата на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Охрид.
WebOhrid