Со водство во текот на целиот натпревар игран во салата „Билјанини Извори“ во Охрид, младинскиот тим на МЗТ Скопје заслужено го освои својот прв трофеј во Младинскиот Куп, совладувајќи го НБА Чаир со 80-55. Љубомир Младеновски избран за МВП на финалниот натпревар.
НБА Чаир беше тимот кој подобро го почна натпреварот, а преку тројките на Бесар Мемети и поените на Емир Ештрефи, стигна до водство од 14-7. Но следуваше период од цели шест минути во кој МЗТ играше брилијантна одбрана и без ниту еден кош примен до крајот на првата четвртина, направи пресврт за предност од 19-14. Предводен од Цветковски на бековските позиции и одличните Младеновски и Арсовски под кошевите, екипата на Небојша Ѓуковиќ ја продолжи добрата игра и во втората четвртина и откако за прв пат поведе со двоцифрена разлика, знаеше како да ја задржи во целиот остаток од мечот.
На полувреме се замина со 39-27, а додека НБА Чаир се среќаваше со проблеми со лични грешки на неколку важни играчи во тимот, МЗТ дополнително ја зголеми предноста, поведувајќи со 64-42 по првите три четвртини. Рутинската четврта четвртина, во која двајцата тренери им дадоа поголема шанса и на резервите кошаркари, го постави конечниот резултат (80-55 за МЗТ), за прв трофеј на сино-белите во историјата на ова натпреварување.
Љубомир Младеновски, кој оствари дабл-дабл од 12 поени и 17 скокови по натпреварот беше избран за МВП на финалето, а покрај него, одличен меч одиграа и Михајло Арсоски и Андреј Цветковски кои беа предводници на заслужениот триумф на МЗТ. Кај НБА Чаир, дабл-дабл учиноци остварија Емир Ештрефи со 19 поени и 14 скокови, односно Алаудин Мустафа со 14 поени и 10 скокови. Двоцифрен број на поени постигна и Бесарт Мемети.
„Ова е голема победа за нас, која претставува потврда дека добро работиме со оваа перспективна генерација кошаркари. Верувам дека овие момци ќе продолжат во ист стил и ќе не очекуваат нови големи успеси во лигата. Веднаш продолжуваме да се концентрираме на Лигата, каде имаме за цел да потврдиме дека сме најдобриот младински состав во оваа генерација“, изјави тренерот на МЗТ, Небојша Ѓуковиќ.
„Како прва индивидуална награда која ја добивам, навистина многу ми значи“, кажа Љубомир Младеновски по мечот. „За мене претставува поттик уште понапорно да работам во иднина. Имав и некои грешки во текот на натпреварот, мислам дека можев и уште подобро да одиграм, но силно сум мотивиран на секој нареден натпревар да бидам се подобар и подобар. Наградата сакам да ја споделам со остатокот од екипата, затоа што победивме како тим“, заклучи освојувачот на МВП признанието.
Со овој триумф, МЗТ Скопје стана третиот тим кој го освоил Младинскиот Куп во неговата шеста година од постоењето. Досега, Вардар успеа да освои четири трофеи, а на врвот има искачено и Работнички, со победата во Купот во 2010 година.