МЗТ Скопје ќе игра против Лирија во финалето од Купот на Македонија

МЗТ Скопје со победа против Кожуф дојде до ново финале во кошаркарскиот Куп на Македонија.

Иако на моменти во третата четвртина МЗТ водеше и со 19 поени разлика, малку недостасуваше Кожув да стигне до пресврт. Сепак одолеа на нападите на Кожув во интересната завршница и со победа од 78-70, обезбеди пласман во финалето од Купот на Македонија, каде ќе го брани трофејот кој го освојуваше во последните две години.

Многу рано во натпреварот МЗТ успеа да се одлепи на двоцифрена разлика, кога по 2:30 минути игра, со тројката на Шеховиќ, скопскиот состав поведе со 12-1. Тројката на Димитар Караџовски ги „разбуди“ гевгеличани на средина од првиот период, а потоа се приклучија и Мијајловиќ и Божовиќ, кои го примораа Мартич на тајм-аут, откако Кожув се врати на 17-15. Но по тајм-аутот следуваа поени во низа на Ѓорѓи Чековски за нова двоцифрена разлика, која актуелниот освојувач ја одржуваше се до крајот на првото полувреме. Двајцата тренери играа со многу ротации, постојано се бараа најрасположените петмина на теренот, додека разликата често варираше во првото полувреме, но постојано беше во корист на МЗТ.

Во третата четвртина, Кожув имаше еден подолг период без реализација во напад, а МЗТ знаеше тоа да го искористи и со поените на Тодор Гечевски, поведе со 64-45, највисоки во текот на натпреварот. Но како МЗТ прерано да се опушти, Мијајловиќ отвори серија поени за Кожув, се придодадоа и Штерјов и Гоцевски и на помалку од 4 минути до крајот, екипата на Марјан Србиновски се доближи до само три поени негатива (68-65). Сепак, како да немаше сили Кожув за комплетен пресврт, Дамјан Стојановски постигна седум поени во низа за МЗТ и во неизвесната завршница го одведе својот тим до победа од 78-70.

Токму Стојановски заврши и како најдобар стрелец кај МЗТ со 20 поени и 6 скокови. Ѓорѓи Чековски додаде 15 поени, а двоцифрени беа и Шеховиќ и Дејвис. Кај Кожув, Мијајловиќ беше најпрецизен со 12 поени, а меѓу највпечатливите беа и Гоцевски, Божовиќ и Караџовски.

По овој резултат, Кожув слично како и лани, повторно е елиминиран во полуфиналето од Купот, додека МЗТ Скопје обезбеди четврто финале по ред, а ќе се бори за подигнување на третиот трофеј во серија.

Противник на МЗТ во финалето ќе биде Лирија, која го совлада Куманово за прво Куп-финале.

Според сите очекувања, Куманово и Лирија одиграа максимално неизвесен и резултатски интересен натпревар од самиот почеток, па до самата последна минута. Одличниот Џулиус Колс во завршницата, донесе триумф за екипата на Лирија од 81-73 и пласман во финалето од Купот, за прв пат во историјата на клубот.

Лирија беше екипата која подобро го почна натпреварот, а тројките на Колс и Симиќ донесоа 8-0 по само две минути игра. Куманово непрецизно се обидуваше од далечина во неколку наврати, за конечно Вукашин Мандиќ да погоди тројка на средина од првата четвртина и со тоа практично да почне реализаторска серија на своите соиграчи. Се приклучија и Костески и Врањеш, за со поените на Мишковиќ во последните секунди од четвртината, кумановци да изедначат на 20-20.

На почетокот на вториот период, Куманово продолжи со добрата игра, свои импресивни моменти имаше Ројс Паран, а додека Лирија тешко го наоѓаше кошот на противникот, кумановци поведоа со највисоки 39-30. Пред крајот на втората четвртина, поради недолични слогани и неспортско навивање, официјалните лица го прекинаа натпреварот, по што испразнети беа трибините на салата „Билјанини извори“ пред натпреварот да продолжи. А веднаш по продолжувањето, шок за Куманово поради повредата на зглобот на ногата на Немања Врањеш. Марјан Младеновиќ одлично покри на таа позиција, имаше неколку добри игри и на двата краја од теренот, но откако Дарко Радуловиќ влезе во проблеми со лични грешки, евидентен беше дефицитот на кумановци на бековските позиции.

Марко Мијовиќ внесе живост во играта на Лирија со влегувањето во игра, а Тасовски и Колс имаа свои минути кога донесоа и 7 поени предност за Лирија. Преку тројките на Паран и Младеновиќ, Куманово успеа да го изедначи резултатот и донесе неизвесна завршница. А таму, сепак подобро се снајдоа кошаркарите на Лирија, а Колс ја одигра клучната улога со асистенција и 4 поени во низа. Лирија се одлепи на пет поени разлика, а Куманово не можеше да погоди за тројка во неколку наврати и екипата од Скопје ја задржа предноста за победа од 81-73.

Колс погоди 5 тројки од шест обиди и беше најпрецизен поединец кај Лирија со 23 поени. Тони Симиќ оствари дабл-дабл од 15 поени и 11 скокови, а 15 поени постигна и Бојан Трајковски, иако шутираше 0/10 за тројка. Двоцифрен беше и Диме Тасовски со 14 поени. Кај Куманово, Вукашин Мандиќ беше најпрецизен со 27 поени на кои додаде и 9 скокови, а нов одличен меч одиграа и Мишковиќ и Паран кои искомбинираа 23 поени и 20 скокови.

Со оваа победа, Лирија обезбеди прво учество во финалето од Купот во историјата на клубот, додека Куманово, иако прикажа одлична игра во двата дена во кои настапи, не успеа да го повтори успехот од 2013 година кога играше во финалето.

Мечот за трофејот помеѓу МЗТ Скопје и Лирија се игра денес од 17:30 часот.