Екипата на МЗТ Скопје Аеродром ја совлада Лирија со 76-73 во финалето од Купот на Македонија 2014, со што го освои својот седми трофеј во историјата на престижното натпреварување. Тодор Гечевски го доби признанието за МВП на финалниот натпревар.
МЗТ многу подобро го почна натпреварот пред полните трибини во салата „Билјанини Извори“ во Охрид и предводен од поените на Гечевски и Дејвис, но и добрата тимска одбрана, по пет минути игра водеше со 12-4. Сепак, Лирија ја поправи реализацијата во продолжението, а четирите поени во низа на Јелесијевиќ ја намалија разликата на само два поени (16-14) на крајот на првата четвртина. Иако Лирија со кошот на Бојан Трајковски успеа да изедначи на почетокот на втората четвртина, ниту еднаш не успеа да дојде до водство, а Чековски, Маринковиќ и Дамјан Стојановски предводеа нова серија поени на МЗТ, за на полувреме да се замине со двоцифрена разлика од 12 поени (42-30).
Продолжија избраниците на Зоран Мартич со добра тимска игра и во третата четвртина, Лирија повторно имаше проблеми со реализацијата од далечина и МЗТ со тројката на Чековски стигна до највисока предност од 56-36. Сепак, следуваа неколку грешки во организацијата кај МЗТ, а Тасовски и Симиќ погодија две тројки по ред, намалувајќи на 60-48.
МЗТ успеваше да се задржи на предност од околу 10 поени во текот на целата четврта четвртина, но на средината од периодот, Оташевиќ поради повреда мораше да го напушти теренот. Горан Самарџиев погоди значајна тројка на две минути до крај, а веднаш потоа следуваа и три поени по ред на Колс и Лирија се доближи на 72-68 на нешто помалку од една минута до крајот. По блокадата на Караколев врз Шеховиќ, Тасовски реализираше за 72-70, но поради краткото време до крај, Лирија мораше да оди на брзи прекршоци. А во тие моменти, Тодор Гечевски беше максимално прецизен од линијата за слободни фрлања, ги погоди сите четири кои ги имаше во последните 10 секунди и Лирија не успеа да направи пресврт, за триумф на МЗТ од 76-73, кој ја означи седмата Куп титула за сино-белите, односно веќе трета по ред.
По натпреварот, Тодор Гечевски беше избран за најкорисен играч (МВП) на финалето, предводејќи ја неговата екипа до победата. Меѓу најистакнатите на паркетот беа и Чековски, Маринковиќ и Дејвис. Во тимот на Лирија, најпрецизен беше Бојан Трајковски со 16 поени, а двоцифрен број на поени постигнаа и Колс и Јелесијевиќ. Впечатлива партија одиграа и Самарџиев и Тасовски.
Инаку, за време на церемонијата за доделување на пехари и медали од Купот, врачена му беше и наградата за Најдобар кошаркар во 2013 година на Ѓорѓи Чековски, кој поради настапот за својата екипа во полуфиналето против Кожув во саботата, не можеше да присуствува на Церемонијата за доделување на признанија за најдобрите во кошарката во 2013 година.
Со овој натпревар се комплетираше Завршниот турнир од 22-от Куп на Македонија. Седмиот трофеј го приближи МЗТ Скопје на само чекор до се уште најтрофејниот Работнички, кој има освоено 8 Куп титули. За МЗТ ова претставуваше трет трофеј по ред во четвртото финале по ред, откако на Завршните турнири кои се играа во последните три години во Скопје, „Металците“ најпрво загубија од Работнички, а потоа ги совладаа Фени Индустри и Куманово во финалните натпревари.