Македонија бара целосна либерализација на транспортот во регионот

Неопходна е целосна либерализација на превозот на стоки во регионот, порача министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески на средбата на министрите за транспорт на државите во Југоисточна Европа, што денеска се одржа во Тирана, Република Албанија.

Во своето излагање Јанакиески нагласи дека транспортната либерализација ќе придонесе кон зајакнување на економската соработка меѓу земјите во регионот и ќе донесе голем број на бенефити. Затоа побара и поддршка од претставниците на Европската комисија.

Јанакиески ги презентираше и главните инфраструктурни проекти и активности кои се реализираат во Македонија, меѓу кои и изградбата на двата нови автопатишта Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид, чиј почеток се очекува овој месец и изградбата на првата делница од пругата кон Бугарија, дел од Коридорот 8, што се очекува да започне во текот на следниот месец.

Министерот Јанакиески ги информираше своите колеги и за тековниот јавен повик за изнаоѓање на компанија со цел реализација на проектот за гасификација на скопскиот регион.

На средбата во Тирана покрај од Македонија учестуваат и претставници од Албанија, Косово и Црна Гора, како и членови на Делегацијата на ЕУ и генералниот менаџер на Транспортната опсерваторија на Југоисточна Европа (СЕЕТО).