Од ОУ „Христо Узунов“ започна проектот „Амбасадори на живиот свет на Охридско Езеро“

Здружението за заштита и унапредување на животна средина и алтернативен туризам ЈАДРАНСКИ СЛИВ Охрид, од денес, во Основното училиште „Христо Узунов“ Охрид започна со реализација на проектот со едукативна содржина наречен „Амбасадори на живиот свет на Охридско Езеро“.

Целта на проектот е едукација на ученици од основно и средно образование за видовите на риби од Охридско Езеро и неговиот слив, целокупната флора и фауна на езерото, правилно развивање и потикнување на спортско–рекреативниот дух во спортско рекреативниот риболов и огромното значење на правилниот пристап кон заштитата и унапредување на животната средина. Проектот ќе се одвива преку предавања во основните и средните училишта во Охрид и Струга, преку издавање на брошури и едукација. Предавач на проектот е Радован Димитриески.

„По извршената анкета над 500 ученици од основно училиште и на 300 од средно училиште дојдовме до фрапантни податоци дека 100% од учениците не ги знаат сите видови на риби 94% ги знаат само 4 видови на риби, додека за жал 92% од испитасниците не можат да разликуваат пастрмка, крап и белвица. Од тие причини дојдовме и аплициравме на овој проект, да ги едуцираме младите.“ – истакна Радован Димитриески од Здружението за заштита и унапредување на животна средина и алтернативен туризам ЈАДРАНСКИ СЛИВ Охрид.

Носителот на Проектот, д-р Трајче Талески, експерт за рибарство од Хидробиолошкиот Завод рече дека ова за него претставува еден голем миниус и за образовниот систем во град Охрид и општо за сознанијата кои што младите генерации ги имаат за рибите од Охридското Езеро.

„Ако Охридското Езеро го препознаваме само преку охридската пастрмка, тоа е една голема грешка. Во Охридско Езеро живеат голем број други видови кои што се многу значајни за историјата за развојот на Охридското Езеро и за целиот еко-систем. Значи во Охридско Езеро живеат и други 20-тина видови риби кои се исто така битни за науката и за целкиот еко-систем.Ова е само почеток на еден ваков долгорочен проект кој треба да се прошири и во иднина , но и на популациите кои што се помали од 7-мо и 8-мо одделение,можеби и до предшколска возраст.“ – рече Талески.

Од аспект на Билатералниот секретаријат како поддржувач на сите еколошки иницијативи, македонскиот претставник, Дејан Пановски од Билатералниот Секретаријат за сливот на Охридско Езеро како што кажа еколошката едукација е можеби нешто најбитно во овој период што следува.

„Ние како генерација веројатно го промашивме тој рок на еколошка едукација и сега тоа создава проблеми, новата генерација мора да ја има таа еколошка подлога за градење подобар свет кој што ќе биде базиран на основите за заштита на природата и со тоа поголем позитивен пристап кон целокупната заштита на живиот свет. Поддршката е максимална и на ова ниво, а поддршката ќе биде исто така голема и на меѓународно ниво, околу овие активности затоа што сметам дека она што е пост едукација ќе ни биде многу многу потребно за наредната генерација.“ – истакна Пановски.

Директорот на ОУ „Христо Узунов“, Тони Симоновски се заблагодари на Здружението Јадрански слив за како што рече прекрасната акција, наменета за младата популација во ОУ „Христо Узунов“.

„Можеби е ова поттик за оваа наставна содржина, односно овој материјал да биде наставна содржина во предметите по биологија. На денешната средба се присутни ученици од 7-мо и 8-мо одделение од ОУ „Христо Узунов“.“ – рече Симоновски.

Проект ќе опфати 9 основни училишта од Охрид 3 средни од Охрид и 1 основно училиште во Струга. Предвидени се предавања и за 6-то и 7-мо одделение, прва втора, трета и четврта година. Од септември планирано е овој проект да продолжи во Струга.

Проектот финансиски е помогнат од АД Електрани на Македонија, а додека пак брошурите за сите ученици во Охрид и во Струга ги изработи ПН Метал од Охрид.

WebOhrid