Граѓаните се заинтересирани за новиот веб сервис на Агенцијата за вработување и новата мобилна апликација prv.mk на кои невработените можат да се информираат за сите можности за работа што им се нудат.
Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов денеска изјави дека досега новиот веб сервис на Агенцијата за вработување има 326 илјади прегледи и 94 илјади посети.
„Задоволен сум од досегашната заинтересираност на граѓаните и на младите луѓе за овие веб сервиси. Новиот веб сервис на Агенцијата за вработување има вкупно 326 илјади прегледи и 94 илјади посети. Од страна на физички лица отворени се околу 21.660 профили, додека пак правните лица отвориле вкупно 2.897 профили“, – истакна Спасов, одговарајќи на новинарско прашање по денешната прес-конференција.
На мобилната апликација prv.mk, која е наменета пред се за младите има креирано околу 3.300 уникатни профили за 14 до 20 дена откако е промовиран овој веб сервис.
Целта на овие веб сервиси е подобра информираност на невработените за сите можности што ги нуди државата без оглед дали тие потекнуваат од приватниот сектор или се отворени огласи за слободни работни места кои во моментот изнесуваат околу седум илјади.