Светителите Василиј Велики, Григориј Богослов и Јован Златоуст имаат секој свој посебен ден на празнување во месецот јануари. Но овој заеднички празник е востановен во 11 век за време на царот Алексиј Комнен. Еднаш однекаде настана расправа меѓу народот околу тоа кој од овие тројца светители е најголем. Едни го воздигнуваа Св. Василиј заради неговата чистота и храброст, други Св. Григориј за недостижната длабочина и висина на умот во богословието; трети воздивнуваа по Свети Јован со неговата чудесна благоглаголливост и јасност во изложувањето на верата. И така едни се нарекуваа василијани, други григоријани, а трети јованити. По Божја Промисла овој спор беше решен во корист на Црквата и на уште поголема слава на овие тројца светители. Евхаитскиот епископ Јован (под 14 јуни) имаше едно видение во сон, имено: прво му се јави секој од овие светители во голема слава и неискажлива чудесност, а потоа сите тројца заедно. Тогаш му рекоа: „Ние сме едно во Бога, како што гледаш, и кај нас нема ништо противречно, … ниту има меѓу нас некој кој е прв или втор“. Светителите го посоветуваа епископот да им напише една заедничка служба и да им се одреди еден заеднички ден за празнување. Со ова прекрасно видение спорот се реши на тој начин што 30 јануари се одреди како заеднички празник за тројцата Свети Архиереи.