До нашиот медим пристигна соопштение за барање од граѓаните на УЗ Стар град- Варош, во кое бараат повторно враќање на ДУП на јавен увид. Барањето го пренесуваме интегрално:
До
– Градоначалникот на Општина Охрид
– Претседателот на Советот на Општина Охрид
– Секторот за урбанизам и заштита на животна средина Охрид
– НУ Завод за заштита на спомениците на култура и музеј Охрид
– Министерство за транспорт и врски
/Сектор за просторно планирање/ Скопје
– Министерство за култура
/Управа за заштита на културно наследство/ Скопје
– Министерство за култура
/Канцеларија на УНЕСКО/ Скопје
– Премиерот на Влада на Р Македонија – Скопје
БАРАЊЕ
Од граѓаните на Урбана заедница Стар град –Варош
ПРЕДМЕТ: Преработка на ДУП (измени и дополнувања) за дел од урбаната заедница Стар Град, кој сеуште е во процедура на донесување- поконкретно барањето се однесува на враќање на Планот повторно на јавен увид на граѓаните поради тоа што истиот не беше прифатен на излагањето на 13.03.2009 година,
Пред сокоро пет години на13.03.2009 год. Беше организирана јавна презентација и јавна анкета на Планот, на која што присутните граѓани (а ги имаше во голем број) не го прифатија и негативно се произнесоа како во усмените дискусии, така иво анкетните листови. Тогаш на граѓаните им беше ветено дека планот ќе се разгледа по однос на барањата ина анкетните листови по што повторно ќе се врати на јавна презентација што досега не е направено.
Согласно член 24 став 7, 8 и 9 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, стручната комисија беше должна писмено да го извести секое лице кое поднело анкетен лист со образложение за прифаќање или неприфаќање на неговите забелешки по однос на Нацрт планот. Во случајов спротивно на процедурата Планот е доставен во понатамошна постапка до Органот на државната управа надлежен за работите од областа за уредување на просторот и истиот орган се произнесол по него и дал согласност. Сега Планот треба да биде доставен само уште до надлежниот орган за донесување, а тоа е Советот на Општина Охрид.
Овој План за стариот дел на Охрид сметаме дека е одпосебно значење не само за градот туку и пошироко од причини што спецификите на тој дел како: кофигурацијата на теренот, стилот на градбите, висините на објектите, визурите, споменичните обележја и заштитните зони и друго, бараат многу поголем ангажман и суптилен однос при планирањето, особено при изработката на постојната состојба кон прибирање на ажурирани подлоги и следење на состојбите за цело време додека се работи. Во сниманите подлоги особено во висинските коти и влезовите на објектите имаше и сега има многу забелешки, а истото се однесува ина многу одредби од Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање.
Заради информација на Насловите до кои е упатено Барањево, ве известувам дека нашава иницијатива во писмена форма на 03.02.2014 год. преку нашата Урбана заедница беше уредно доставена до Градоначалникот на Општина Охрид и до Секторот за урбанизам-Охрид, на што досега немаме одговор.
На 05.02.2014 год. група граѓани имаа средба со секретарот на општина Охрид на која усмено му беше изложено нашето Барање.
На 07.02.2014 год. секретарот на општината ни закажа средба со членови од Секторот за урбанизам и Директорката на Завод и Музеј Охрид, а тука беше присутен и секретарот, на која го образложивме нашето барање со дискусија на повеќе од присутните, а ги имаше доста. И покрај бурните дискусии од двете страни и аргументирани убедувања не се дојде до никаков заклучок. Несфатливо е граѓаните да не бидат информирани согласно член 4 од начелата за просторно и урбанистичко планирање, каде јасно е кажано дека јавноста во постапката за донесување и спроведување на плановите е една од премисите.
Убедени сме и имаме најава скоро од сите граѓани што се запознаени со ова иницијатива дека треба порешително да се настапи и да се искористат сите правни инструменти и средства за да го реализираме нашето Барање.
13.02.2014 Урбана заедница Стар град –Охрид