Годинава започнуваат активностите за изградба на магистралниот пат од Охрид до Св.Наум

До средината на оваа година ќе биде готов проектот  за изградба на магистралниот пат од делницата кај  бензинската пумпа  Билјанини извори до селото Пештани, а на крајот од оваа или почетокот на наредната година ќе започне неговата реализација, најави вчера директорот на Агенцијата за државни патишта Љупчо Георгиевски,  кој беше во работна посета на Охрид.

„Се проектира широчина на магистралниот пат од околу 12 метри со четири коловозни ленти по двата патни правци. Владата веќе размислува и прави нацрт конструкција до крајот на оваа и почетокот на наредната година да започне со реализација на проектот. Секако дотогаш ќе бидат расчистени имотно правните односи. Втората фаза ќе го опфаќа делот од магистралниот пат од Пештани до манастирскиот комплекс Св. Наум односно до граничниот премин со Република Македонија.“ – изјави директорот Георгиевски.

„Трасирањето на овој патен правец за нас како Локална Самоуправа е од особена важност. Секако дека тој е неопходно да се изгради, низ него секојдневно минуваат возилата на жителите кои живеат во охридските села од таа страна до Св. Наум. Овој патен правец е особено значаен во летниот период кога низ него минуваат по илјадници возила, движејќи се од Охрид кон плажите и назад. Затоа овој проект е многу важен и истиот го поздравуваме “– вели градоначалникот Никола Бакрачески.

Магистралниот пат од Охрид до Св.Наум ќе се гради по целосно нова траса. Патот го тангира, односно поминува непосредно до Националниот парк „Галичица“. Токму поради тоа се очекува истиот при реализацијата да биде прифатен од јавноста.