Потпишан двегодишен работен план за Ран детски развој

Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов и претставникот на УНИЦЕФ за Македонија, Бертран Демулен денеска потпишаа двегодишен работен план за соработка во доменот на предучилишното образование или Ран детски развој за поддршка на активности во насока на реформи во секторот со цел овозможување пристап на сите деца од рана возраст кон квалитетно предучилишно образвование и тоа особено за најмаргинализираните деца.

Работниот план, истакна министерот Спасов денеска на прес-конференција, предвидува натамошна поддршка за реализација на реформите во сите градинки и центри за ран детски развој, соработка со општините во операционализација на можностите што ги нуди новиот Закон за детска заштита, поддршка за реализација на лиценцирањето, воспоставување елетронски систем на евиденција и прибирање податоци, како и поддршка за воведување програми за најмаргинализираните групи деца, како што се оние со посебни потреби и внесување на мултикултурализмот од најраната возраст.

„Вкупната сума на двегодишниот план е 2,1 милион долари. Поддршката од УНИЦЕФ е особено значајна во однос на обезбедување експертиза и најнови научни сознанија во секторот, но и во постојаната поддршка во следење и мерење на резултатите“, рече Спасов.

Посочи дека минатата година бил направен голем исчекор во реформите на предучилишното образование – се измени и усвои Законот за детска заштита и се усогласи со европското законодавство и најдобрите меѓународни практики во раниот детски развој.

„Законот отвори големи можности за зголемување на пристапот кон предучилишно образование преку овозможување различни основачи и различни форми на опфат. Во минатото само општините можеа да основаат детски градинки, а со новиот Закон таа можност им е дадена и на приватниот сектор, невладините организации и на физички лица“, нагласи Спасов.

Тој истакна дека градинките биле единствена форма на опфат, а со новиот Закон се предвидени и други поисплатливи и поефикасни форми на опфат, како што се центрите за ран детски развој кои се алтернативи на градинките во руралните средини. Законот, укажа министерот, ги воведе стандардите за рано учење и развој како основа за работа со децата, но предвиде и механизми за обезбедување на квалитет, како што е лиценцирањето, професионалното усовршување на воспитувачкиот кадар, инспекцијата итн.

„Резултатите од овие реформски зафати се очигледни-во 2013 година имаме опфат од 34 отсто на деца на возраст од четири до шест години споредено со 2005 година кога опфатот беше само 11 отсто. Со поддршка на Владата во 2013 година се отворија 13 градинки во рурални средини, а шест градинки беа отворени во приватниот сектор и уште 14 центри за ран детски развој со поддршка на УНИЦЕФ. Се инвестираше во многу обуки на кадарот за реализација на реформите во градинките“, додаде Спасов. 

Претставникот на УНИЦЕФ,  Демулен истакна дека новите податоци укажуваат дека децата кои посетуваат центри за ран детски развој и градинки во кои се применуваат стандардите за ран детски развој имаат подобри резултати во развојот отколку децата кои посетуваат традиционални градинки или не посетуваат никаква програма за ран детски развој.

УНИЦЕФ, наведуваат оттаму, ќе продолжи да дава поддршка на активностите кои ги предводи Министерството за да се изготви нов модел на финансирање, да се спроведе лиценцирањето, да се воспостави електронски систем за евиденција и да се подобри мониторингот и евалуацијата, а фокусот ќе биде на изготвување и воведување модели и програми за инклузија на децата Роми и децата со пречки во развојот и воведување мултикултурализам во сите програми за ран детски развој и учење.