Во текот на 6-тата недела од 2014 година (од 03.02.2014 – 09.02.2014 година), во Република Македонија се пријавени 3.156 (МБ 15,4/10.000) новозаболени на групни пријави за заболени од грип, што во однос на минатата недела претставува зголемување на бројот на регистрирани случаи за 34,3%. Заболените се пријавени од 27 извештајни единици (од вкупно 31) .
Во споредба со бројот на заболени во 6-тата недела од минатата сезона (2.434), се бележи зголемување за 29,7%, а во однос на просечниот број на заболени за оваа иста недела во изминатиот 10-годишен период, кој изнесува 2.658, се регистрира зголемување за 18,7%.
Во сезоната 2013/2014 (од 40 недела, 2013 заклучно со 6-тата недела, 2014 година) вкупниот број на заболени од грип во републиката изнесува 10.934 (МБ 53,2/10.000).
Во овој период регистрирани се три смртни случаи, асоцирани со инфекција со вирусот на грип. Последниот регистриран смртен случај е во 6-тата недела, жена на 74-годишна возраст, која била интензивно лекувана една недела на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, а после развој на масивна бронхопневмонија и влошување на состојбата била поставена на апарат за механичка вентилација во последните 24 часа. Пациентката била со историја на хронична болест на белите дробови, хипертензија и бубрежна слабост. Потврдена е како инфекција со инфлуенца А вирусот.
Во споредба со истиот период минатата година (8.098 заболени), постои зголемување на вкупниот број на пријавени случаи во сезоната за 35%, а во однос на просекот за 10-годишниот период (9.224) се регистрира зголемување за 18,5%.
Заболени лица за целата оваа сезона се пријавени во сите 31 извештајни единици, но во 3 единици бројот на регистрирани заболени лица е помал од 10.
Дистрибуцијата на заболените од грип по месеци прикажана на Графикон 2, укажува на тоа дека во месец јануари пријавени се најголем број на случаи со симптоми на грип – 6.801 или 62,2% од вкупниот број на заболени во целата сезона 2013/2014. Во првата недела од месец февруари, регистрирани се 3.156 случаи или 31,6%.
Најголем број на заболени во оваа сезона се регистрирани на територијата на ЦЈЗ Велес /ПЕ Кавадарци – 1.973 и ЦЈЗ Скопје – 1.639 заболени, а најголем МБ (457,2/10.000) е регистриран во ПЕ Кавадарци .
Бројот на заболени и морбидитетот по возрасни групи, во сезоната 2013/2014 е прикажан во Табела 1. Најголем број на заболени се пријавени во возрасната група која опфаќа најголем дел од населението (од 15-64 години) со 7.096 случаи (64,9%), а најголем МБ (104,7/10.000) е регистриран кај најмладите – децата до 4-годишна возраст.
Во текот на 6-тата недела од 2014, до вирусолошката лабораторија на ИЈЗ РМ пристигнати се 25 материјали за тестирање на грип, од кои 17 биле позитивни и тоа: 14 се нетипизирани инфлуенца А вируси, 2 се позитивни на вирусот на инфлуенца А/H3N2, и 1 на вирусот на инфлуенца A/H1N1pdm09.
Од почетокот на сезоната 2013/2014, во оваа лабораторија се пристигнати вкупно 98 хумани материјали од здравствените установи – од амбулантски и болнички лекувани пациенти, од кои 52 или 53,1% биле позитивни на вирусот на инфлуенца.
Од позитивните, 47 материјали се конфирмирани како инфлуенца А (90,4%), а кај 5 е докажано присуство на инфлуенца Б вирусот (9,6%). Од инфлуенца А позитивните, 8 или 17% се конфирмирани како инфлуенца A/H1N1 pdm 09, 17 материјали се позитивни на инфлуенца А/H3N2 (36,2%), а 22 се нетипизирани инфлуенца А вируси (46,8%).
Активност на висрусот на инфлуенца е во подем, бројот на пријавени случаи на грип/заболувања слични на грип во Македонија го задржува трендот на пораст. Се очекува овој тренд на пораст на активноста на вирусот на грип да се одржува и во наредните недели, со варијации во интензитетот.
Во циркулација се двата типа на вирусот на инфлуенца – А и Б, со доминација на вирусот на инфлуенца А.
Во извештајот за движењето на вирусот на грип во сезоната 2013/2014 во Европа, според информациите на електронскиот неделник на WHO – Euroflu за 5-тата недела, се наведува дека е зголемено пријавувањето на лица со заболувања слични на грипот (ILI) и со акутни респираторни инфекции (ARI) во повеќето земји во Европскиот регион на СЗО, освен во Бугарија, Турција и Шпанија, каде сезоната на грип започна порано. Процентот на позитивни тестирани сентинел примероци се намали, а бројот на земји кои пријавиле регионална или широка географска распространетост се зголемил во текот на петтата недела. Influenza A останува доминантен тип во регионот. Бројот на пријавени хоспитализирани лабораториски позитивни на грип пациенти се зголемил во последните неколку недели во земјите во јужна и западна Европа, а 80% од случаите во петтата недела од 2014 година се поврзани со инфекција со A(H1N1)pdm09.
54% од позитивните за грип случаи на тешки акутни респираторни инфекции (SARI) во земјите од источна Европа се поврзани со инфекција со A(H3N2).
Во текот на 5-тата недела биле тестирани 12.647 примероци од лица со заболувања слични на грипот (ILI), акутни респираторни инфекции (ARI) и тешки акутни респираторни инфекции (SARI). Од нив, 18% биле позитивни за грип, а од нив 96% биле позитивни на influenza A, додека само 4% на influenza B.
Франција, Норвешка, Португалија, Шпанија и Шведска пријавија повеќе од половина од позитивните случаи.
Од почетокот на сезоната (40 недела/2013), детектирани се и типизирани 11.304 примероци на грип. Од нив, 95% се типизирани како influenza A и 5% како influenza B. Од influenza A типизираните наоди, 7.644 се субтипизирани – од нив 59% се A(H1N1)pdm09 и 41% се A(H3N2). Субтипизирани се и 74 influenza B вируси, а од кои 93% се B/Yamagata и 5 7% се B/Victoria.
До крајот на 5-тата недела, 23 земји пријавиле доминатен инфлуенца вирус (инфлуенца А) за оваа сезона, додека пак од земјите кои даваат податоци за субтипизација – Грузија, Словенија, Македонија и Италија пријавиле дека доминатен сој е А(H3N2); Бугарија, Грција, Унгарија, Исланд, Латвија, Норвешка, Шпанија, Шведска и Обединетото Кралство (Шкотска) – А(H1N1)pdm09, а Албанија, Франција, Ирска, Русија и Швајцарија пријавиле кодоминантост помеѓу овие два соеви.
Бројот на пријавени хоспитализации поради тешки акутни респираторни инфекции (SARI) незначително се зголеми во последната недела. Најголемиот број на хоспитализирани случаи припаѓаат на возрасната група од 0-4 години.
Од почетокот на сезоната, 6 земји пријавиле 1.605 хоспитализации на лабораториски позитивни за грип пациенти: 99% како резултат на инфекција со influenza A и 17 или 1% со influenza B.
Пет земји пријавиле вкупно 124 смртни случаи, сите поврзани со инфекција со influenza A (од субтипизираните, 81,4% – A(H1)pdm09 и 18,6% – A(H3)).