Во врска со денешната прес-конференција на ОО на СДСМ Охрид, со реакција излезе Општина Охрид во која стои:
„Локалната самоуправа и Градоначалникот Бакрачески, воопшто не очекуваше СДСМ од Охрид да излезе со позитивни реакции на неодамна поднесената Информација за работата и реализираните проекти во општина Охрид за 2013 година. Напротив, бевме убедени дека СДСМ со нивниот карактеристичен политикантски пристап и лажни обвинувања кон проектите на локалната самоуправа, ќе продолжат и понатаму да сеат сомнежи и недоверби кон секој проект во општина Охрид. Иронично, тоа го прави СДСМ, чија локална власт во изминатите 8 години безмилосно ја масакрира иднината на охриѓани задолжувајќи ја општината за над 33 милиони евра и уништувајќи ја можноста од економски развој на Охрид. И кога на ОО на СДСМ ќе и се укаже со бројки и несоборливи факти за одредени ситуации или состојби, тие продолжуваат со паушални оценки и лесно читливи политички пораки со неупотреблива вредност.
Тоа што СДСМ ја оставија општина Охрид со два пати поголем долг од сите општини во Р.Македонија заедно, гледаме дека за нив не е некој посериозен проблем. Но и покрај тоа, и покрај соочувањето со сериозна клептомански водена политика на СДСМ во период од 8 години, Градоначалникот Бакрачески и локалната самоуправа за периодот април-декември 2013 година, реализираа толку проекти колку што СДСМ од Охрид немаа замислено, а не реализирано во 4 години од мандатот. И што е најважно, проектите се реализирани, активностите се завршени, а средствата се обезбедени и платени, што секако е многу голема разлика. Секоја содржина, секој проект и секое ангажирање, напоменато во Извештајот презентиран пред Советот на општина Охрид од страна на Градоначалникот Бакрачески, е издржан, поставен на законски основи, ги задоволува сите законски норми и процедури и претставува целосно финансиски и правно покриена активност. Нешто незамисливо во периодот на практикување на локалната власт на СДСМ., кога безаконието и самоволието беа основи на нивното функционирање.
Се разбира дека постојано ќе ги потсетуваме на периодот кога тие беа локална власт и на како што тие истакнуваат – “постигнатите резултати“!? Ако за нив долгот на општината и јавните претријатија од педесетина милиони евра, со 428 судски предмети за неисплатени обврски е резултат за фалба, тогаш граѓаните на Охрид сигурно ќе препознаат што е посветено работење за конечно Охрид да излезе од калта во која тие го оставија.
Затоа, СДСМ во иднина кога изнесува оценки за работата на Општина Охрид, нека тргне од сопствените редови и од она што тие го оставија во наследство на граѓаните. Градоначалникот Бакрачески и локалната самоуправа ќе продолжи по зацртаната програма која граѓаните ја прифатија и целосно ќе ја спроведеме во дело, со или без оценките и ставовите на политички дезориентираната СДСМ.“ – стои во реакцијата од Општина Охрид.