Можностите за унапредување на состојбите во областа на литературата за деца, како основа од која се регрутираат читатели и за литературата за возрасни, беше целта на денешната средба на министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска со повеќе писатели кои пишуваат за децата.
„На средбата имавме можност со голем број еминентни писатели во областа на детската литература да разговараме за унапредувањето на состојбите во оваа област, за која сметам дека е исклучително важна, бидејќи книгата е од исклучителна важност за доедукација, културна надградба и можност децата да прераснат во вистински интелектуални личности“,- изјави по средбата министерката за култура.
Таа информираше дека годинава, за разлика од досега кога годишно се поддржувале по десеттина проекти поврзани со литературата за деца, Министерството за култура ќе поддржи 51 проект. Зголемувањето на поддршката, вели, е резултат и на тоа што имало поголем број апликации кои ги исполнувале потребните услови. Додаде дека и во наредната година ќе продолжи поддршката на писалтелите за деца и воопшто на проекти кои се однесуваат на литературата за деца.
„ Секако иницијативност треба да пристигне од другата страна за да може ние да дадеме поголема поддршка. За тоа и разговаравме на средбата, на која стана збор и за востановување на некоја манифестација која ќе биде посветена на помладата популација, на писателите кои пишуваат книги за децата, но и на децата кои посветуваат внимание кон книгата“, рече Канческа-Милевска.
Писателот Александар Кујунџиски смета дека средбата е еден од поголемите исчекори за отпочнување на активности за унапредување на состојбите во оваа сфера.
„Другиот исчекор е што првпат, наместо по 5 до 10 наслови за деца, се поддржуваат пеесеттина дела. Верувам дека овој тренд на почит и правилно вреднување на литературата за деца ќе продолжи и натаму“, рече тој.
Дека литературата за деца во минатото не добивала доволно поддршка се согласува и Горјан Петревски.
„ Морам да кажам дека изминатиот период литературата за деца беше ставена на маргините, пред се од писателскиот еснаф кој условно, пишува за возрасни. Не знам зошто се гледа на тој начин на авторите за деца, бидејќи без нивните книги ние ќе немаме читатели во иднина“,- рече Петревски.
Покрај недостиг на поддршка, литературата за деца се соочува и со проблемот на недостиг на нови и млади автори кои пишуваат за деца.
„Се надевам дека ќе се формира плејада нови автори кои ќе го заземат своето место под македонското сонце, бидејќи нашата земја заслужува да добие автори за деца со кои ќе се гордееме и кои ќе бидат преведувани и во странство, рече Ксенија Маказлиева-Трајчева“, – уредник на „Детска радост“.
За популаризација на македонската детска литература и поттикнување на младите да читаат, минатата недела во соработка со Градската библиотека „Браќа Миладиновци“-Скопје беше покрената кампања во која ќе бидат вклучени основните училишта.