Груевски: Изградбата на автопатот Скопје – Штип историски ден за Источна Македонија

Почна изградбата на првиот автопат во Источна Македонија. Кај местото „Три чешми“ денеска беше поставен камен-теменик на нова автопатска делница Миладиновци-Свети Николе-Штип, во должина од 47 километри, во присуство на премиерот Никола Груевски, вицепремиерот Владимир Пешевски, министри, амбасадори, градоначалници…

Денеска е историски ден за Источна Македонија. Проектот за кој долго се зборуваше почна со реализација, денеска почнуваме да го градиме, овде во Штип по изградбата на универзитетот „Гоце Делчев“ и ТИР зоната, а кога ВМРО ветува така е. Февруари 2014 година ќе остане забележан како датум да се гради првиот автопат во Источна Македонија“, – рече Груевски.

Владата, потсети, почна со реализација на проектот уште од 2007 година со донесување на потребната документација и барање концесионер, но, како што рече, по неколку потрошени години во 2012 година почнаа преговорите со кинеската Влада за добивање доста поволен кредит за изградба на автопатот Миладиновци-Штип.

 „Согласно договорот на оваа делница градежните работи кои ќе ги изведуваат македонските компании е минимум 49 проценти, а вкупниот број на македонски градежни работници што ќе се ангажираат од страна на изведувачите и подизведувачите е најмалку 51 процент од вкупниот број“, наведе Груевски, истакнувајќи дека проектот се реализира со кредит во износ од 206 милиони евра, земен по доста поволни услови, рок на исплата 20 години, 5 години грејс период и 2 проценти камата.

Според вицепремиерот Владимир Пешевски новиот автопат има големо економско значење за целата држава. Автопатот ќе овозможи брза комуникација и транспорт на производите од источна Македонија, како и развој на туризмот во источниот дел на земјава, нагласи Пешевски.

Министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески истакна дека првиот автопат во Источна Македонија со должина од 47 километри ќе го поврзе тој дел од државата со главниот град.

„На страницата број 65 во изборната програмата на ВМРО ДПМНЕ 2011-2015 година стои ветувањето за изградба на автопат од Скопје до Штип по траса на потег од Миладиновци преку Свети Николе до Штип, кое претставува целосно ново решение за поврзување на источниот дел од државата со главниот град. Патот ќе биде со ширина од 27 километри, две коловозни ленти и една помошна лента за запирање“,- наведе Јанакиески.

Новата автопатска делница ќе ја гради кинеската компанија „Синохидро Корпоратион Лимитед“, со која Владата потпиша договор во декември лани.

Според амбасадорот на Народна Република Кина, Чуи Џивеј, со реализацијата на проектот граѓаните во Источна Македонија ќе добијат модерен и квалитетен автопат.

Претставникот на „Синохидро Корпоратион Лимитед“ Зенг Ксингилианг, пак, нагласи дека како градежна компанија им е дадена одговорна задача.

„ Јас би сакал овој проект да биде успешно изведен и да добиете модерен автопат. Синохидро ќе вложи максимални напори во реализацијата на проект“, – рече Ксингилианг.

Директорот на ЈП за државни патишта, Љупчо Георгиевски сумираше дека од 2012 годинае почната со изградба на 132 километар автопат низ целата земја. Тоа, посочи, значи дека во наредните четири години земјава ќе добие 50 проценти зголемување на автопатската мрежа.

„Должината на оваа делница ќе изнесува 47 километри и широчина од 27,4 метри. Што подразбира две коловозни ленти со вкупна широчина на секоја од нив по 10,7 метри и зелен појас помеѓу нив од шест метри. На делницата ќе бидат изградени седум клучки, кои ќе имаа функција влез и излез од автопатот кон градовите и населените места. Автопатската делница ќе вклучува и осум надпатници, пет подпатници, армиран бетонски мост со должина од 154 метри, а ќе бидат изградени и пет вијадукти со вкупна должина од 718 метри“,- информира Георгиевски.