Преку 30 вљубеници во природата и планинарењето беа дел од рекреативната планинарска тура, која во организација на Црвен крст Охрид, а во рамките на одбележувањето на Неделата на срцево-садови заболувања, се реализира вчера на планината Галичица. Предводени од членови на Единицата за спасување на планина и непристапни терени на Црвен крст Охрид, најмладите учесници на оваа планинарска тура се искачија на местото Лако Сигној 1980 мнв, а повозрасните беа дел од искачувањето на врвот Магаро 2250 мнв. Сите учесници, а особено младите уживаа во убавините на планината Галичица, но и покажаа храброст и умешност да се искачуваат по стрмни патеки и во лоши временски услови. Не недостасуваше време и за дружење, игра и забава во објектот-спасителна станица на Црвен крст Охрид на местото Липова Ливада на планината Галичица.
Нови возбудливи изненадувања поврзани со практикување на физичка активност во природа, за сите возрасти, Црвен крст Охрид најавува и во наредните викенди.