Доколку сте правно лице – резидент на РМ кој остварува добивка од вршење на дејност во земјата и странство или сте постојана деловна единица на странско правно лице која остварува добивка од вршење на дејност на територија на РM, имате обврска најдоцна до 28 февруари 2014 година да поднесете Даночен биланс за оданочување на непризнаени расходи (образец “ДБ“) до УЈП.
Даночен биланс за оданочување на непризнаени расходи (образец “ДБ“) немаат обврска да поднесат правните лица кои работат согласно Законот за сметководство на непрофитните организации, односно водат сметководство согласно Правилникот за сметководството на непрофитните организации и притоа вкупната вредност на имотот или годишниот приход е помал од 2.500 евра во денарска противвредност.
Буџетските корисници и единките корисници кои сметководството и деловните книги ги водат одделно по сметки, доставуваат само еден “ДБ“ во кој се искажуваат сумарно сите непризнаени расходи од одделните сметки.
Ако сте мал или микро трговец кој извршува стопанска дејност (освен банкарска, финансиска, осигурителна и дејност од областа на игрите на среќа и забавните игри) и ако во 2013 година, од кој било извор сте оствариле вкупен приход не поголем од 3.000.000 денари на годишно ниво, или пак сте оствариле вкупен приход од 3.000.001 до 6.000.000 денари, и сте се определиле или сакате да се определите за пресметување и плаќање на „годишен данок на вкупен приход“, имате обврска до 28 февруари 2014 година да поднесете Даночен биланс на вкупен приход (образец “ДБ-ВП“) до УЈП.
За повеќе информации за пријавување, утврдување и плаќање на годишниот данок на вкупен приход, преземете ја брошурата на УЈП.
Рок и начини за поднесување на даночен биланс
По исклучок од горенаведениот рок – 28 февруари 2014 година, ако Годишната сметка до Централниот регистар ја поднесете во електронска форма (задолжително или доброволно), Даночниот биланс за оданочување на непризнаени расходи и Даночниот биланс на вкупен приход до УЈП може да го поднесете најдоцна до 17 март 2014 (понеделник).
Обрасците “ДБ“ и “ДБ-ВП“ можете да ги преземете преку веб страницата на УЈП (кликни тука) и да ги доставите на шалтерите на УЈП.