Во македонското Министерство за надворешни работи за 54 дипломати од сите директорати, беше организирана обука која ја спроведе реномираниот Центар за политички и дипломатски студии од Лондон.
Предавачи на обуката беа Џон Емери, директор на Центарот и амбасадорот Џереми Хил, а врз основа на Меморандумот за соработка меѓу Министерствата за надворешни работи на Република Македонија и на Обединетото Кралство Велика Британија и Северна Ирска.
Во текот на обуката, соопшти денеска МНР, се дискутирало на повеќе теми: политика, организација и менаџмент на централа и дипломатска мисија, политичка анализа, известување и брифирање, преговарачки и претседавачки вештини, справување со конзуларна криза, стратешка комуникација, вршење влијание и оформување мрежа, вештини за лично презентирање, како и дипломатска комуникација.
На врачувањето на потврдите за учество од страна на предавачите кратки обраќања имаа министерот за надворешни работи Никола Попоски и Амбасадорот на Обединетото Кралство Велика Британија и Северна Ирска, Кристофер Ивон.
„ Со овој тип на обука се обезбедува уште поотворена комуникација и можност за пренесување на искуства до македонските дипломати од страна на колеги и експерти кои произлегуваат од една од највлијателните дипломатски служби во светот. Зголемената соработка во овој контекст оди во прилог на постојаното унапредување и градење на посилни капацитети во Република Македонија, а во функција на остварување на стратешките цели“, изјави министерот Никола Попоски.