Во Македонија пријавени се 3.973 новозаболени од грип

Во текот на 8-мата недела од 2014 година (од 17.02.2014 – 23.02.2014 година), во Република Македонија се пријавени 3.973 (МБ 19,3/10.000) новозаболени од грип, што е приближно исто со бројот на заболени во претходната недела (3.975) .

Во споредба со бројот на заболени во 8-мата недела од минатата сезона, се бележи зголемување за 34,3%, а во однос на просечниот број на заболени за оваа иста недела во изминатиот 10-годишен период, кој изнесува, се регистрира зголемување за 2,1 пати.

Во сезоната 2013/2014 (од 40 недела, 2013 заклучно со 8-мата недела, 2014 година) вкупниот број на заболени од грип во републиката изнесува 18.882 (МБ 91,9/10.000).
Во споредба со истиот период минатата година, постои зголемување на вкупниот број на пријавени случаи во сезоната за 37,9%, а во однос на просекот за 10-годишниот период се регистрира зголемување за 38%.

Во текот на 8-мата недела се регистрирани два смртни случаи со лабораториски потврдена инфекција со вирусот на инфлуенца А, со што вкупниот број на смртни случаи асоцирани со инфекција со вирусот на грип во оваа сезона се зголеми на 7. Првиот смртен случај во изминатата недела е маж на 65-годишна возраст, а вториот жена на 74-годишна возраст од Скопје со коморбидитети – хипертензија и срцева слабост. И двете починати лица не биле вакцинирани против сезонски грип.

Дистрибуцијата на заболените од грип по месеци, покажува дека за три недели од февруари пријавени се најголем број на случаи со симптоми на грип – 58,8% од вкупниот број на заболени во сезоната 2013/2014. Во месец јануари, регистрирани се 36% од пријавените случаи.

Најголем број на заболени во текот на оваа сезона се регистрирани на територијата на ЦЈЗ Скопје – 2.965 заболени и ПЕ Кавадарци – 2.735, а најголем морбидитет (633,8/10.000) е регистриран во ПЕ Кавадарци.

Дистрибуцијата на заболените по возрасни групи покажува дека најголем број случаи се пријавени во возрасната група од 15-64 години – 12.292 случаи (65,1%), а најзафатена со болеста е најмладата возрасна групација, односно децата до 4-годишна возраст (МБ=169,2/10.000).

Во текот на 8-мата недела од 2014, до вирусолошката лабораторија на ИЈЗ РМ пристигнати се 14 материјали за тестирање на грип, од кои 11 биле позитивни и тоа: 10 се нетипизирани инфлуенца А вируси, а 1 е вирус на инфлуенца тип Б.

д почетокот на сезоната 2013/2014, во оваа лабораторија се пристигнати вкупно 139 хумани материјали од здравствените установи, од кои 82 или 59% биле позитивни на вирусот на инфлуенца.

Од позитивните, 90,2% материјали се конфирмирани како инфлуенца А, а кај 9,8% е докажано присуство на инфлуенца Б вирусот.

Од инфлуенца А позитивните, 10,8% се конфирмирани како инфлуенца A/H1N1pdm 09, 25,7% од материјалите се позитивни на инфлуенца А/H3N2, а 47 се нетипизирани инфлуенца А вируси (63,5%).

Активноста на вирусот на инфлуенца почнува да се стабилизира, а бројот на пријавени случаи на грип/заболувања слични на грип во Македонија се одржува на сéуште високо ниво.

Се очекува задржување на оваа стабилна состојба на активноста на вирусот на грип и формирање на плато во наредните две-три недели, со можни благи варијации.

Во циркулација се двата типа на вирусот на инфлуенца – А и Б, со доминација на вирусот на инфлуенца А.

Според информациите на електронскиот неделник на WHO – Euroflu за 7-мата недела во сезоната 2013/2014 во Европа, зголемено е пријавувањето на заболувања слични на грипот (ILI) и акутни респираторни инфекции (ARI), во повеќето земји во Европскиот регион на СЗО. Се задржува трендот на поместување на активноста на вирусот од југ кон север, и благ пораст на таа активност во северно-европските земји.

Субтиповите A(H1N1)pdm09 и A(H3N2) ко-циркулираат, но A(H1N1)pdm09 останува предоминантен. Бројот на хоспитализираните пациенти поради тешки акутни респираторни инфекции (SARI) благо расте во последните неколку недели, што се должи на зголемената активност на вирусот во источните делови од регионот.

Во текот на 7-мата недела биле тестирани 14.357 примероци од лица со заболувања слични на грипот (ILI), акутни респираторни инфекции (ARI) и тешки акутни респираторни инфекции (SARI), од кои 21% биле позитивни за грип (од нив 96% на influenza A, а само 4% на influenza B вирусот).

Од почетокот на сезоната (40 недела/2013), детектирани се и типизирани 18.614 примероци на грип. Од нив, 96% се типизирани како influenza A и 4% како influenza B.

Од influenza A типизираните наоди, 12.969 се субтипизирани – од нив 62% се A(H1N1)pdm09 и 38% се A(H3N2).

До крајот на 7-мата недела, 27 земји пријавиле доминатен инфлуенца А вирус за оваа сезона.

Од земјите кои даваат податоци за субтипизација – Ерменија, Грузија, Ирска, Луксембург, Молдавија, Словенија и Украина пријавиле дека доминатен сој е А(H3N2).

Во Бугарија, Естонија, Финска, Германија, Исланд, Латвија, Норвешка, Португалија, Шпанија, Шведска и Обединетото Кралство (Шкотска) доминира А(H1N1)pdm09, а Белгија, Франција, Грција, Италија, Русија и Швајцарија пријавиле кодоминантост помеѓу овие два соеви.

Бројот на пријавени хоспитализации поради тешки акутни респираторни инфекции (SARI) благо се зголеми во последната недела, а исто така се зголеми и процентот на позитивни тестирани пациенти на грип и сега изнесува 36%.

Најголемиот број на хоспитализирани случаи и понатаму припаѓаат на на најмладата возрасна групација – деца од 0-4 години.

Седум земји пријавиле вкупно 209 смртни случаи, сите поврзани со инфекција со influenza A (од субтипизираните, 81% – A(H1)pdm09 и 19% – A(H3)).