Во областа на јавниот ред и мир бележиме поволна и стабилна безбедносна состоја, со намалување за околу 14% во делот на вкупниот број регистрирани прекршоци, потоа намалување на инцидентите на спортски натпревари, како и мирни протести во кои граѓаните го изразуваа своето незадоволство од одредени настани и појави во државата.
Од посебно значење се активностите на полицијата околу обезбедувањето на спроведување на локалните избори, кои помина мирно и без ниту еден посериозен инцидент или поголемо нарушување на јавниот ред и мир, како за време на одржување на митинзите, така и при дистрибуција на изборниот материјал и спроведување на гласањето.
Исто така, најголемо признание за сработеното, но и огромен поттик за министерството, преставуваат резултатите добиени од истражувањето кое го спроведе агенцијата „Прогрес“, за довербата во полицијата. Имено, според истражувањето речиси две третини од испитаниците и веруваат и ја почитуваат полицијата во нивните средини, додека над 80% од граѓаните, сметаат дека полицијата може да им даде поддршка секогаш кога им треба и тие се чувствуваат безбедно.
Инаку, во делот на протестните собири се бележи зголемување за околу 23%, односно според статистичките податоци одржани се 498 (405) протестни собирања, при што карактеристично е дека најголемиот дел од нив – 322 протести или околу 64% се однесуваат на секојдневните протести низ државата.
Поголемо нарушување на јавниот ред и мир при одржување на протестите беше регистрирано при протестите одржани на 01 март 2013 година, и на 02 март 2013 година во Скопје, како реакција на протестот од претходниот ден, во кои учесниците со употреба на тврди предмети и палење на пиротехнички средства, повредија 35 лица а оштетени беа повеќе објекти, возила и други материјални добра, како и во протестите пред Споменикот на „Мајка Тереза“ и просториите на општина Центар во Скопје. По преземени мерки за расчистување на настаните во март, против лицата кои го нарушија јавниот ред и мир се поднесени соодветни кривични пријави.
Превентивното полициско делување е инкорпориран дел од стратешките определби на полицијата, додека безбедноста во училиштата и спречување на насилничко однесување меѓу малолетниците беа и понатаму остануваат да бидат на самиот врв на приоритети на министерството. Подолг период министерството партиципира во низа проекти кои имаат за цел редуцирање на насилството и девијантното однесување кај оваа популација, како и активности со кои беше зголемено присуство на полицијата на местата каде најчесто беа регистрирани инцидентите помеѓу учениците.
И покрај ова, во текот на годината бележиме неповолна состојба и зголемување од околу 17% во однос на вкупниот број на регистрирани инциденти кај училишната популација во однос на минатата година.
Во овој период регистрирани се 184 (157) случаи на насилничко однесување, од кои најголем број – 100, се на подрачјето на СВР Скопје, а во инцидентите учениците најчесто или во 87% од случаите употребиле физичка сила се повредени 164 ученици.
По преземени мерки за расчистување на инцидентите поднесени се седум кривични пријави и три посебни извештаи против 41 сторител за сторени 10 кривични дела од кои најголем дел се „насилство“ и „учество во тепачка“ – по три дела, и „тешка телесна повреда“ – две дела, како и 90 барања за поведување прекршочна постапка против 219 лица за сторени 96 прекршоци, при што најчесто се работи за прекршоците „физички напад“-52 и „предизвикување, поттикнување и учество во тепачка“-27 прекршоци.
За надминување на ваквите состојби и со цел да се спречи насилното однесување меѓу младите и насочување на енергијата на учениците во позитивен правец, односно забележување на ризиците и избегнување на истите, како и запознавање со законската регулатива, во училиштата на подрачјата на Секторите за внатрешни работи, во рамки на проектот „Безбедност во училиштата“ се одржаа хепенинг, потоа манифестација под мотото „Заедно против насилството во училиштата“ на која беше учествуваа ученици и професори од сите средни училишта, три тркалезни маси на тема „Семејно насилство како причина за насилно однесување на малолетни лица“, како и активности во рамки на проектот „Полицијата и учениците се дружат“.
Освен овие активности, на крајот на годината, во соработка со мисијата на ОБСЕ, се отпочна со нов превентивен пилот проект кој ќе се спроведува на подрачјето на СВР Скопје на тема “Спречување на нарушувања на ЈРМ во автобусите на градскиот превоз“. Во почетната фаза на проектот ќе бидат опфатени сите средношколци на подрачјето на скопските општини Кисела Вода, Гази Баба и Ѓорче Петров, со одржување на едукативно-превентивни работилници посветени не само на феноменологијата на насилството туку и за конретните законски последици од ова девијантно однесување.
Во овој период при одржување на спортските натпревари регистрирани се вкупно 51 случај во кои е нарушен јавниот ред и мир, најчесто со употреба на физичка сила и тврди предмети, при што најголем број од случаите – 24 се регистрирани на подрачјето на СВР Скопје. Од ваквото насилничко однесување на навивачите за време на одржување на спортските натпревари повредени се 41 лице, а се оштетени возила и објекти. Инаку, поголемо нарушување е регистрирано за време на одржување на четири спортски натпревари, а по преземени мерки за расчистување на случаите поднесени се две кривични пријави против шест сторители за сторени две кривични дела „насилство“, како и 10 барања на поведување прекршочна постапка против 19 физички и едно правно лице за сторени 10 прекршоци од кои шест прекршоци од Законот за спортски натпревари и четири прекршоци од ЗППЈРМ.
Во текот на 2013 година, од страна на припадниците на полицијата во 796 (691) случаи се употребени средства за присилба, при што во најголем број односно во 446 случаи се употребени средства за врзување на лица, во 286 случаи е употребена физичка сила, a во 64 случаи е употребена гумена палка. По преземени мерки за утврдување на оправданоста на употребата на средствата за присилба, утврдено е дека во сите случаи употребата на средства за присилба е оправдана.
Неповолна состојба бележиме во однос на регистрираните напади над полициските службеници кои лани се зголемени за околу 30% во однос на 2012 година, но и покрај тоа во нападите нема загинати полициски службеници.
Нападите најчесто се извршувани на отворен простор, при воспоставување на јавен ред и мир, во најголем број со употреба на физичка сила, при што 133 полициски службеници се здобиле со телесни повреди од кои девет се со потешки повреди. По преземени мерки поднесени се кривични пријави против 188 (134) сторители за сторени 146 (111) кривични дела „напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста“.
Покрај ова, регистрирани се и два потешки инциденти во кои беа нападнати полициски службеници при вршење на службените задачи, при што во првиот случај беше пукано кон полициски службеници кои постапуваа по наредба за лишување од слобода на затвореник кој избегал од КПУ Штип, а во вториот случај, од страна на лица кои се затекнати при вршење на шумска кражба со возило е удрен еден полицаец. По преземени мерки двата случаи се расчистени и против двајца сторители се поднесени кривични пријави за сторени две кривични дела „убиство во обид“.
Полициските службеници во содејство со инспекциските служби на подрачните единици на другите министерства, во овој период извршија вкупно 209 (260) акциски контроли, при што беа контролирани 901 (1.116) угостителски објект, а во рамки на овие активности поднесени се кривични пријави за сторени 25 кривични дела од кои повеќе од половина се кривични дела „точење алкохолни пијалаци на малолетни лица” – 14, како и 1.007 (962) прекршоци од Законот за прекршоци против јавниот ред и мир.
Во рамки на преземените мерки од областа на јавниот ред и мир, бележиме намалување на вкупниот број на прекршоци за околу 14%, односно во тековната година регистрирани се 8.810 (10.240) прекршоци за кои се изготвени барања за поведување на прекршочна постапка, против 12.344 (14.566) сторители.
Како и во претходните години, јавниот ред и мир најчесто беше нарушуван со: „физички напад”–3.426, „учество, предизвикување или поттикнување тепачка”–1.433, „карање, викање и непристојно однесување” – 915, „оддавање на пијанство на јавно место” – 508, „вознемирување на соседи“ – 405, „уживање на наркотични дроги и психотропни супстанци“– 399, „омаловажување на службено лице на МВР” – 385, додека останатите прекршоци се застапени во помал број.
Најголем број од прекршоците се извршени во градска средина – 6.975 и на отворен простор 4.608 прекршоци, кои најчесто се извршувани од страна на поединци – 6.476 прекршоци. Според старосната структура сторителите се најчесто на возраст над 25 години – 8.475, а според социјалниот статус најчесто се невработени лица – 6.568, додека 1.401 прекршок, сторителите ги извршиле под дејство на алкохол.
Во рамките на спроведување на Законот за јавна чистота, од страна на полициските службеници се издадени 3.494 платни налози, при што на 1.038 граѓани по нивно барање им се издадени записници за општокорисна работа.
Врз основа на направените согледувања, најголем дел од откриените прекршоци се однесуваат на фрлање и оставање на отпадоци од градежен материјал, потоа фрлање и оставање на хартија, опушоци, мастики, амбалажи и други отпадоци освен на местата определени за таа намена, продажба и излагање на земјоделски и индустриски производи и др.
Од вкупниот број на прекршители, односно околу 90% од сторителите се на возраст од над 18 години, додека прекршоците во најголем дел се извршени на јавна површина – 3.385 прекршоци. Исто така, против лицата кои во предвидениот законски рок (8 дена) не ги платиле платните налози, поднесени се 2.935 барања за поведување прекршочна постапка.
Во рамките на соработката и градењето доверба на полицијата со локалното население, Советодавните групи на граѓани и во овој период продолжија со решавање на актуелните проблеми во рамките на локалната заедница. Во насока за подобрување на севкупната безбедносна состојба на локално ниво беа одржани повеќе средби, состаноци и предавања со цел преземање на превентивни мерки за спречување на физичкото насилство во основните и средни училишта, потоа спречување со злоупотребата на оружјето на семејни и други прослави, превенција од насилство во спортот, од семејното насилство, спречување на бесправното сечење на шумите, превенција од измами, џебни кражби, разбојништва и тешки кражби врз постари лица, безбедно управување со мотор и слично.
Исто така, и Одделенијата за превенција своите активности во текот на овој период ги насочија кон подобрување на безбедносната состојба, при што беа реализирани поголем број на едукативни предавања во училиштата на тема „Безбедни училишта“, „Со безбеден велосипед – безбедно во сообраќајот“, „Безбедно од домот до училиштето“, „Јас и полицијата“, ,„Безбедни полуматурски и матурски прослави“, „Заедно против насилството во училиштата“, „Семејно насилство како причина за насилно однесување на малолетни лица“, „Мешани патроли“ (полиција и родители во обиколка на најпосетуваните места за ноќна забава на малолетници) и сл.