„Ако се спореди 2014-та со 2006-та година бројот на вработени е зголемен за 27.000“ вели вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески.
Бројот на вработени во индустријата се зголемил за 1.1% во 2013-та, објави државната статистика. Трендот продолжува и годинава. Во јануари 2014-та во споредба со истиот месец лани растот е 6.5%.
Најголемо зголемување од речиси 150% има кај произведувачите на возила поради отворањето на фабриката за автобуси Ван Хул. Најголем пад од 6.6% има кај произведувачите на кокс и нафта, најверојатно поради неработењето на ОКТА.
Податоците се охрабрувачки, оценува вицепремиерот и министер за финансии. Според Ставрески економијата оди во нагорна линија.
„Ако се спореди 2014-та со 2006-та година бројот на вработени е зголемен за 27.000. Ако има предвид дека во поголем дел од овој период имаше светска и европска криза, а во најголем дел од државите имаше отпуштање на работници во индустријата, кај нас имаше зголемување посебено во индустриските зони, но и надвор од нив“ рече Зоран Ставрески, вицепремиер и министер за финансии.
Зголемениот број на работници значеше и зголемено индустриско производство – годишен раст од 3.2% во 2013-та, а месечен од 6.4% во јануари 2014-та.
Во првиот месец од годинава, македонските компании изработиле 450% повеќе моторни возила, 35% мебел, 19% пијалаци и 6% повеќе храна. Токму ова е најпозитивниот податок, сметаат економистите. Според нив, квантитетот е важен, но поважен е квалитетот на индустријата.
„Станува збор за производи што имаат зголемена додадена вредност кои дополнително ја поттикнуваат економијата што влева оптимизам дека економијата ќе ја оствари проектираната стапка на раст од 3.7%“ вели проф. д-р Томе Неновски, универзитетски професор.
Сето ова резултира и со намалување на трговскиот дефицит. Статистика прокнижила јануарско зголемување на извозот од 4%, а на увозот од 1.7%.