Во врска со прес-конференцијата на ОО на СДСМ Охрид, реакција испрати Општина Охрид, во која стои:
„Во препознатлив стил и празна реторика охридскиот СДСМ, наместо да си ја признае вината за пустошот што го оставија зад себе во нивното осумгодишно владеење, безуспешно продолжуваат да и се додворуваат на јавноста, барајќи вина кај актуелната локална власт за ветени, а нереализирани проекти. Оваа тактика на СДСМ тешко дека ќе им помине кај граѓаните, а во неа сигурно не веруваат и многумина од нивните членови и симпатизери, зошто и едните и другите знаат што прави за Охрид оваа, а што правеше нивната власт.
Непристојно е да се обвинува оваа Локална самоуправа и градоначалникот Никола Бакрачески за ветени и нереализирани проекти во образованието, кога Вие, Вашиот градоначалник и мнозинството на СДСМ и коалиционите партнери во Советот на општина Охрид, сте дозволиле училиштата да имаат блокирани жиро сметки, да нема нафта за греење и нашите деца да учат во студени училници. Соберете храброст и пред граѓаните јавно признајте ја Вашата вина за таквата состојба и признајте дека за кусо време по доаѓањето на новата Локална самоумправа и градоначалникот Бакрачески, училиштата финансиски се стабилизирани и во тек се повеќе проекти во областа на образованието.
Ние, за разлика од Вас, не се служиме со празна реторика туку со конкретни бројки и проекти. Општина Охрид, ја оставивте со над 33 милиони евра долг, а новата Локална самоуправа на чело со градоначалникот Никола Бакрачески, ја анализира наследената состојба и со низа мерки, чекор по чекор, почна да ги решава кастрофалните состојби што ги остави претходната власт на чело со СДСМ. Во периодот од 1.04.2013 до 07.03.2014 година, без средства за плати и други трошоци, само за стари фактури исплатени се 192,595,376.оо денари.
Очигледно е дека не Ви одговара да спомнете за бројните зафати на оваа Локална самоуправа, како што се оние во ЈОУДГ „Јасна Ристска“ во објектите „Развигорче“ и во селата Лескоец и Велгошти, па згора на ова, ја лажете јавноста и за стипендиите за учениците и студентите.Тие се траспарентно доделени, а Вие ако имате и малку грижа на совест и политичка одговорност, пред јавноста кажете зошто во времето на владеењето на СДСМ со Општина Охрид, биле доделени стипендии, ама за жал досега не се исплатени.
Го потсетуваме СДСМ дека оваа локална власт не само што ги исполнува ветувањата, туку реализира проекти кои воопшто не беа дел од изборната програма. Го повикуваме СДСМ после 3 години да одржи иста ваква тематска прес конференција, на која ќе ги соопшти резултати од успешно завршените проекти со кои Охрид ќе биде препороден.
Ви препорачуваме следната „епизода“ на Вашиот серијал да ја викате „Како трошевме, за друг да ни плаќа“.“ – стои во реакцијата од Општина Охрид.