Павел Тасков, студент на Универзитетот за информатички науки и технологии од Охрид освои златен медал на интернационалниот натпревар во роботика -Робомак.
Пред сѐ, што претставува Робомак?
Робомак е интернационален натпревар во роботика, програмирање и вештачка интелигенција. Тоа е натпревар насочен кон популаризирање на роботиката и новата технологија во роботиката, со цел за малку да ја оживее оваа сцена и да ги поврзе луѓето во ова поле.
Во што се состоеше натпреварот, твојата задача и задачата на твојот тим?
Целиот натпревар беше поделен во 5 категории, Сумо, Хуманоид, Right Target, Трка и Роботска Рака. Секоја категорија си имаше посебна задача и различна технологија која требаше да се примени.
Вкупно пет студенти беа претставници на Универзитетот „Св. Апостол Павле“, распределени во различни тимови со цел поголема мултикултурна разновидност на натпреварот. Јас и мојот тим работевме во категоријата: „Роботска Рака“.
Нашиот предизвик беше да ја искористиме роботската рака Robix Rascal, со нејзините зглобови и мотори, да собереме точна сума од монети поставени околу неа. Тоа не беше едноставна задача бидејќи тоа подразбира висока концентрација, меморија, како и креирање на специјални алгоритми. Сите во тимот работевме напорно секој во своето поле на експертиза, а резултат од вложениот труд е златниот медал за освоено прво место во нашата категорија.
Колку претходните стекнати знаења на Универзитетот беа основа за постигнатиот успех?
Пред се, Робомак беше прилика да ги имплементираме сите претходно стекнати знаења на нашиот Универзитет во реални , практични услови. Имено, на УИНТ имаме специјална лабораторија за роботика и клуб за роботика, кои се одлична оснава за надградба во оваа област. Јас сум моментално 4-та година на факултетот за Машинска Интелигенција и Роботика, и добар дел од слободното време го поминувам точно таму. Освен академските знаења, огромна придобивка за мене како студент е и фактот дека посетувам студии во една интернационална, мултикултурна средина, исклучиво на англиски јазик. Тоа ги намали комуникациските бариери на еден интернационален настан како што е Робомак.