Тринаесет мостови по трасата на делницата Велес-Катланово на Коридорот 10 ќе бидат зајакнати и обновени најдоцна до септември следната година. Инвестицијата изнесува 8,6 милиони евра, обезбедени од НАТО преку Проектот за обнова на мостовите во Македонија.
Активностите за обнова на мостовите предвидени со третата фаза од проектот, што почна во ноември лани, според министерот за транспорти врски Миле Јанакиески се одвиваат согласно планираната динамика.
Министерот денеска ја посети локацијата каде во тек се активности за обнова на мостовите на патниот правец Велес-Скопје кај штипската клучка.
„Моментно се работи на реконструкција на три од планираните 13 мостови. Ова е првиот мост што се реконструира. Градежните работи се одвиваат согласно динамиката. Комплетната реконструкција треба да заврши до септември 2015 година, а вкупната инвестиција е 8,6 милиони евра,“ изјави денеска министерот Јанакиески.
Претходно, потсети Јанакиески, во соработка со НАТО во тек на првата и втората фаза од проектот беа реконструирани 51 мост со должина од 4.090 метри, со инвестиција од 23 милиони евра.
Градежните работи за зајакнувањето на мостовите предвидени со третата фаза ги изведува француската фирма Freyssinet, а надзорот на изградбата е доделена на ИРД Инжинеринг СРЛ. Основниот проект го изработи Градежниот факултет Скопје.