Во текот на 10-тата недела од 2014 година (од 03.03.2014 – 09.03.2014 година), во Република Македонија се пријавени 2.502 (МБ 12,2/10.000) новозаболени oд грип, што е намалувње од 23,6% во однос на минатата недела.
Во споредба со бројот на заболени во 10-тата недела од минатата сезона, се бележи зголемување за 4,7%, а во однос на просечниот број на заболени за оваа иста недела во изминатиот 10-годишен период, зголемувањето e за околу 3 пати.
Во сезоната 2013/2014, заклучно со 10-тата недела, 2014 година) вкупниот број на заболени од грип во републиката изнесува 24.661 (МБ 120,0/10.000).
Во споредба со истиот период од минатата година, постои зголемување на вкупниот број на пријавени случаи за 34,6%, а во однос на просекот за 10-годишниот период зголемувањето изнесува 54,1%.
Во текот на 10-тата недела регистриран е еден смртен случај на територијата на ЦЈЗ Скопје, во возрасната група лица над 65 години. Вкупниот број на смртни случаи, асоцирани со инфекција со вирусот на грип во оваа сезона сега изнесува 11.
Дистрибуцијата на заболените од грип по месеци, укажува дека во месец февруари пријавени се најголем број на случаи со симптоми на грип – 58,3% од вкупниот број на заболени во целата сезона. Во месец јануари регистрирани се 27,6% од заболените.
Најголем број на заболени во текот на оваа сезона се регистрирани на територијата на ЦЈЗ Скопје – 3.674 заболени и ЦЈЗ Прилеп – 3.363, а најголем морбидитет (704,5/10.000) е регистриран во ПЕ Кавадарци.
Дистрибуцијата на заболени и морбидитетот по возрасни групи во сезоната 2013/2014 покажува најголем број заболени во возрасната група од 15-64 години – 65,1%, а најголем МБ (209,5/10.000) е регистриран кај децата до 4-годишна возраст.
Во текот на 10-тата недела од 2014, до вирусолошката лабораторија на ИЈЗ РМ пристигнати се 22 материјали за тестирање на грип, од кои 13 биле позитивни. Детектиранио се двата типа и поттипа на вирусот – инфлуенца A/H1N1pdm 09 вируси, А/H3N2 вируси, како и инфлуенца Б вирус.
Од почетокот на сезоната 2013/2014, во оваа лабораторија се пристигнати вкупно 179 хумани материјали, од кои 110 или 61,5% биле позитивни на вирусот на инфлуенца.
Од позитивните, 90% материјали се конфирмирани како инфлуенца А, а кај 10% е докажано присуство на инфлуенца Б вирусот.
Од инфлуенца А позитивните, 16,2% се конфирмирани како инфлуенца A/H1N1pdm 09, 30,3% материјали се позитивни на инфлуенца А/H3N2, а 53,5% се нетипизирани инфлуенца А вируси.
Активноста на вирусот на инфлуенца почнува да се намалува, иако бројот на пријавени случаи на грип/заболувања слични на грип во Македонија сé уште се одржува на високо ниво. Се очекува трендот на намалување на активноста на вирусот на грип да продолжи и во наредниот период.
Во циркулација се двата типа на вирусот на инфлуенца – А и Б, со доминација на вирусот на инфлуенца А.
Во електронскиот неделник на WHO – Euroflu за 9-тата недела се наведува дека се намалува пријавувањето на лица со грип/заболувања слични на грипот (ILI) и со акутни респираторни инфекции (ARI) во јужните и западните земји, а намален е и бројот на останатите земји кои пријавуваат зголемен тренд.
Процентот на позитивни тестирани примероци е намален во јужните, но зголемен е во останатите земји од регионот. Во Европскиот регион на СЗО ко-циркулираат и двата типа на инфлуенца, инфлуенца A(H1N1)pdm09 и A(H3N2). Инфлуенца A(H1N1)pdm09 е доминантен тип во северниот дел од регионот, а A(H3N2) во источниот дел, но и во неколку други земји.
Бројот на пријавени хоспитализации поради тешки акутни респираторни инфекции (SARI) благо се намали во последната недела. Најголемиот број на хоспитализирани случаи се деца од 0-4 години, а опадна и бројот на пациенти со SARI, позитивни тестирани за грип.
Од почетокот на сезоната, 7 земји пријавиле 3.400 хоспитализации на пациенти,
Седум земји пријавиле вкупно 284 смртни случаи, сите поврзани со инфекција со influenza A.