Претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски, во придружба на министерот за здравство Никола Тодоров, оствари средба со реномираните италијански кардиохирурзи Роберто Чини и Антонино Маруло.
Во рамките на заложбата на Владата за соработка со врвни медицински центри и медицински стручњаци во светот, Владата договори конкретна соработка и ангажман на овие кардиохирурзи во Република Македонија.
Ангажманот на Чини и Маруло ќе се реализира преку нивна практична работа на проектот Државна кардиохирургија, односно нивно директно учество во медицинските активности во овој проект.
Исто така двајцата доктори ќе вршат и едукација на македонските доктори на Државната кардиохирургија, која едукација ќе се однесува на пренесување на нивното искуство, вештини, методи на работа и знаења од областа на кардиохирургијата кон докторите од Република Македонија.
Целокупната соработка ќе се одвива во рамките на проектот на Владата за основање на Државна кардиохирургија за што пред еден месец беше донесена владина одлука. Премиерот Груевски на средбата истакна дека значаен приоритет и заложба на Владата на Република Македонија е унапредувањето на капацитетите и усовршување на кадрите преку осознавање и примена на нови методи во здравството. Беше посочено дека формирањето на Државната кардиохирургија е предизвик кој постои 40 години и ова е конкретен чекор напред во достигнување на едно повисоко ниво на работа и конкретна реализација на овој проект кој е од интерес за граѓаните на Република Македонија.
Премиерот Груевски на докторите Чини и Маруло им посака успешен почеток и работа и добра соработка со македонските кардиохирурзи. Италијанските доктори изразија подготвеност да ги пренесат своите знаења и да ги имплементираат новите методи на работа кои се применуваат во врвните центри за кардиохирургија, и нивната верба во капацитетот и подготвеноста на македонските лекари и нивната желба за напредок што е и цел на секој медицински работник.
Антонино Маруло е доктор и професор на Универзитетската болница Ла Сапиенца од Италија која е една од најпрестижните болници во Италија, а Роберто Чини е реномиран кардиохирург со искуство во повеќе врвни медицински центри во светот.