Денеска се одбележуваат 105 години од смртта на Кузман Шапкарев, кој важи за еден од најзначајните собирачи, публикатори и афирматори на македонски народни умотворби и еден од првите македонски учебникари.
Роден е во семејство на сиромашен занаетчија во Охрид, на 1 февруари 1834. Завршил основно училиште, но заради сиромаштија морал да го прекине образованието.
До промена во неговиот живот дошло кога му понудиле да го заземе учителското место на неговиот чичко. Така станал учител и учителствувал во Битола, Охрид, Струга, Прилеп и Кукуш на грчки и бугарски јазик. Тогаш ги запознал Димитрија и Константин Миладинови.
По стапките на Димитрија Миладинов, кој му станал зет, зашто Кузман се оженил со неговата ќерка, почнал да собира народни песни и умотворби.
Кога браќата Миладиновци бидуваат затворени, Кузман безуспешно се обидува да им помогне. По нивната смрт, тој отишол да учителствува прво во Прилеп, а потоа во Кукуш. Во октомври 1893 година заминал за Цариград, испраќан од Бугарската Егзархија за да биде редактор на планиран бугарски весник таму. Во септември 1884 година заминал за Пловдив, Источна Румелија. Од 1900 година е редовен член на Бугарското книжевно друштво (преименувано подоцна во Бугарска академија на науките).
Кон крајот на својот живот заминал за Бугарија. Обемот и квалитетот на собраниот материјал го вбројуваат Шапкарев меѓу најголемите собирачи на народни умотворби не само од Македонија, туку од целиот Балкан.
Во своето творештво Шапкарев се идентификува како Бугарин по род. Починал во Софија во 1909 година.