Започна асфалтирањето на улиците во Косел

Градоначалникот Никола Бакрачески денес присуствуваше на почетокот на асфалтирањето на улици во село Косел. Станува збор за еден од двата проекти кои општина Охрид ги изработи по претходно објавен оглас од Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделието и рурарлниот развој.

„Асфалтирањето  на уличките во Косел  зазема осум краци  со вкупна должина од 1 000 метри и вкупна површина од  3 000 метри квадратни.  Рок на изведување на работите е еден  месец“, истакна  градоначалникот Бакрачески, кој го најави и вториот проект со кој Општината аплицирала и добила зелено светло од Агенцијата за финансиска поддршка на руралниот развој.

„Вториот проект се однесува на асфалтирање на патот од   село Вапила кон  село Сирула и опфаќа реконструкција во должина од  1 700 метри и изработка на нов  пат во должина од 2 700 метри. Рокот на изведба на работите ќе биде два месеци“, објасни градоначалникот истакнувајќи  дека двата проекти се во насока на напорите на Локалната Самоуправа за развој на руралните средини.

„Јас би ја искористил оваа прилика да се заблагодарам на службите на општина Охрид кои макотрпно работеа  во сите овие месеци како и до Агенцијата за финансиска поддршка на руралниот развој за  поддршката која што ни ја дадоа  и прифаќањето на нашата апликација во однос на реализацијата на овие два проекти“, рече градоначалникот  Бакрачески.

Вкупната вредност на двата проекти изнесува 23 милиони и 500 илјади денари.

Asfaltiranje_Koslel_ulica_4856pg Asfaltiranje_Koslel_ulica_4855pg Asfaltiranje_Koslel_ulica_4851