После успешно сработениот проект „Заедно до почиста општина“ денес во с.Белчишта учениците и вработените во ОУ „Дебрца“ и Локалната самоуправа организираа свечен хепенинг и продажна акција. Проектот се одвиваше во 6 работни седници, а секоја седница имаше различни активности меѓу кои: поставување корпи за отпадоци, засадување рози кои беа донирани од страна на градоначалникот Игор Трајкоски, уредување на училишниот двор, одржување јавна трибина, марш на учениците со еко транспаренти низ повеќе локации на општината, поставување хранилки за птици пред училиштата. Целиот проект се заокружи со свеченост при што имаше богата програма на која учениците се претставија со повеќе точки и беше подготвена ревија од рециклиран материјал.
После оваа прослава учениците ќе продолжат со својата „инспекторска еко-акција“ и заедно со жителите на општина Дебарца ќе придонесат општината да стане почиста и поеколошка. Воедно општинската администрација се вклучи во акцијата „Македонија – земја на цвеќето, земја на розата“ при што ја разубавија општината со засадените рози. Свеченоста беше затворена со настап на музичката ѕвезда Ѓоко Танески.