Со свечена приредба, Основното училиште „Живко Чинго“ од Велгошти синоќа го одбележа патрониот празник на училиштето. Патрониот празник за прв пат годинава, надвор од Велгошти, се одбележа во Центарот за култура „Григор Прличев“.
Пред исполнетата голема сала во Центарот за култура, во која присуствуваа родители, ученици и гости од градот и околината, учениците се претставија во одлично издание. Оваа година по повод патрониот празник на училиштето беше распишан литературен и ликовен конкурс на тема „Боите и звуците на нашата татковина“. Наградени се ликовните и литературните творби од одделенска и предметна настава.
На свеченоста присуствуваше и заменик-градоначалникот на општина Охрид, Анел Јанев, а присуствуваа и советници од Општината.
Пред присутните се обрати директорот на ОУ „Живко Чинго“, Ѓоко Чингоски, кој најпрво се заблагодари на сите присутни во салата за како што рече нивното доаѓање за прославата – патронен празник на ова училиште.
„Искрено се чувствувам горд и достоен што нашето училиште го носи името на големиот светски писател Живко Чинго. Кога прославуваме ние славиме, а слави и градот Охрид и сите вљубеници на нашето прекрасно и живописно село Велгошти. Веќе 138 години ОУ „Живко Чинго“ успешно чекори кон патеката наречена образование, воспитание на младите генерации и тоа следејќи ги промените што настануваат во нашиот образовен систем и успешно имплементирајќи ги. Во изминатиот период значително се подобрија условите за работа во училиштето, се посветуваше големо внимание на професионалниот развој, на стручниот кадар на воспитно образовниот процес. Бројните активности кои се реализираа во текот на учебната година, говорат за успешна реализација на истите. Нашето училиште е едно од училиштата каде преку проектот од Светска банка, во соработка со Владата на Република Македонија, ќе се вршат градежни зафати на фасадата на училиштето и реконструкција на сите санитарни јазли, со водоводна и електрична инсталација. По завршувањето на овој проект, Основното училиште „Живко Чинго“ ќе биде уште поквалитетно место за сите оние кои се образоваат овде.“ – истакна Чингоски.
Во продолжение на прославата следуваше богата културно-уметничка програма во изведба на учениците од ОУ „Живко Чинго“ – Велгошти.
WebOhrid