Фестивалот „Охридско Лето“ во соработка со јавното претпријатие „Охридски комуналец“, во рамките на акцијата на Министерството за животна средина „Македонија земја на цвеќето- земја на розите“, денеска хортикултурно го уредија Долни Сарај со разни видови цветни насади.
Во акцијата вработените од оваа национална установа заедно со охридските комуналци засадија рози со што просторот го врати препознатливиот лик на кој се сеќаваат постарите вработени во „Охридско Лето“. Трајче Наумоски, кој веќе четири децинии е задолжен за организацијата на музчко сценски настапи на учесниците на „Охридксо лето“ вели дека сцената Долни Сарај некогаш изобилувала со рози.
„Се договоривме тимски да излеземе на сцената Долни Сарај и да и го вратиме сјајот кој што го имаше наназад, како што јас ја паметам 40 години колку што сум во фестивалот. Отсекогаш овде се засадувале рози и други цвеќа. Последните години малку ја запоставивме сцената која некогаш најмногу се користеше за време на фестивалот „Охридско Лето“, изјави Наумоски.
Според директорката на фестивалот Елизабета Јанкуловска, фестивалските сцени мора да бидат убаво уредени, а денешната активност е само една од низата за оплеменување на парковските површини каде што доаѓаат светски познатите личности.
„Подготовките за уредување на сцените каде што настапуваме ги започнуваме симболично денеска, на Денот на пролетта, во рамките на националната акција „Македонија земја на цвеќето, земја на розите“. Покрај розите имаме и други цвеќиња и нискостеблести растенија. Минатата година, за сите сценски простори каде што ги реализиравме настаните на „Охридско Лето“ од „Охридски комуналец“ добивме прекрасни цвеќиња“, рече Јанкуловска.
Директорката на „Охридски комуналец“ Елена Скрческа истакна дека од годинава цветниот асортиман на претпријатието е збогатен со нови садници кои ќе бидат засадени низ градските паркови.
„Посадивме голем број рози низ градот и во училиштата, а по желба на директорката на „Охридско Лето“ засадуваме и на Долни Сарај. Јавното претрпријатие располага со дендролошки расадник. Внатре имаме многу видови саден материјал. Од годинава е проширен и цветниот асортиман, а се надевам дека акцент ќе ставиме на розите кои од еколошка гледна точка се важни за здрава животна средина“, додаде Скрческа.