Засадени повеќе од 500 рози низ Охрид

Во акцијата на Министерството за животна средина „Македонија земја на цвеќето- земја на розите“ денеска  се вклучи и општина Охрид.

Локалната самоуправа во содејство со ЈП „Охридски Комуналец“ организираше акција за засадување рози.

Акцијата со засадување на рози започна  од  кај хотелот „Дончо“ на „Булевар Туристичка“ (потег градски пазар-Петља), месноста „Долни Сарај“ (по барање на Фестивалот „Охридско лето“)   и во основните училишта „Григор Прличев“ и „Христо Узунов“.

„Како Јавно Претпријатие се вклучуваме во акцијата на министерството за животна средина Македонија земја на цвеќето- земја на розите, Денес затоа посадивме повеќе од 500 рози низ градот. Со таа акција се опфатени и училиштата. Засадувањето рози е добро  за животната средина и од друга страна за разубавување на дворните површини и за естетскиот изглед на градот.“ – истакна директорката на ЈП „Охридски Комуналец“, Елена Скрческа.

Покрај засадувањето рози, во основните училишта се организираа продажни изложби на рачно изработени предмети.

„Денеска оваа акција ја правиме заедно со родителите, учениците, целокупниот персонал на училиштето Христо Узунов. Денот е заедно и со општина Охрид, прилагоден е во однос на сето тоа, рачна изработка кои ги прават децата и садењето на розите по повод Денот значи „Македонија земја на цвеќето-земја на розите“. Така да , се посадени неколку садници рози, меѓутоа голем дел на рачна изработка од децата направивме еден панаѓур во однос на сето тоа, имаме приход од некои средства кои што исто така ќе ги употребиме во разубавување на дворот на училиштето.“- рече директорот на ОУ „Христо Узунов“, Тони Симоновски.

Покрај разубавувањето на јавните површини, акцијата имаше и еколошко значење, бидејќи розите се познати по нивната карактеристика за извлекување на тешките метали од почвата.

Во рамките на оваа кампања  Ј.П. „Охридски Комуналец“, планира да засади 2.000 садници ружи  на целата територија на општината.

А.Андриоски/WebOhrid