„Раното појавување на пожарите на територијата на паркот“, проблем со кој се соочуваат вработени во Националниот парк Галичица многу рано оваа година, беше темата на денешната прес-конференција, која се одржа во просториите на Јавната установа Национален парк „Галичица“.
„Се собравме да упатиме апел, колку што можеме повеќе да влијаеме на народот, затоа што во четири дена имавме два пожари. Првиот пожар беше со површина од 2 хектари – приземна вегетација, а според првите индиции што ги имаме од терен собрано и разгледување на опожареното, се гледа дека е намерно палење, според наше искуство, најверојатно од некои кои одгледуваат тука овци. Имаме индиции за првиот пожар кој е сторителот, предадено е тоа до надлежните органи.“ – истакна Наумче Новески, одговорен за заштита од пожари во НП „Галичица“.
Во вториот пожар кој се случил во неделата, била опфатена површина од четири хектари.
„Најдовме траги од правење скари. И тука веќе имаме индиции, знаеме од која нива е почнато, знаеме точно како започнал пожарот и во тек е истрагата.“– рече Новески.
Двата пожари, како што информира Новески, не направиле голема материјална штета, благодарение на единицата за брзи интервенции во ЈУНП „Галичица“, но и благодарение на соработката со територијалната противпожарна единица – Охрид.
Согласно Законот за шуми, казната за палење стрништа и намерно предизвикување на пожар е од 1500 до 3000 евра за физички лица, а за правните институции од 6000 до 8000 евра.
„Сето тоа се случува во национален парк, каде што казните се за некој процент повисоки. Многу рано, во година која треба да нагласиме дека ни беше многу сушна година и според податоците кои ги земаме од светските метеоролошки станици, не очекува и доста сушно лето, ако сега почнавме да гасиме пожари, кај ни е крајот, што ќе остане од паркот?!“– додаде Новески.
WebOhrid