Република Македонија и Народна Република Кина имаат одлични односи и плодна соработка во областа на земјоделството, истакнаа министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски и амбасадорот на НР Кина во нашата држава Цуи Џивеи на денешната проштална средба.
Министерот Димовски на средбата му се заблагодари на амбасадорот Џивеи за неговата и за поддршката која неговата земја ја дава на Министерството за земјоделство и на Владата на Република Македонија, како и за можностите за обука и школување на вработени во Министерството за земјоделство во НР Кина.
„Нашата плодна и успешна соработка ќе продолжи и во иднина. Во Македонија секогаш ќе имате искрени пријатели“, истакна министерот Димовски.
Амбасадорот Џивеи се заблагодари на поддршката и помошта која ја имаше од министерот Димовски и Министерството за неговата и работата на Амбасадата.
За време на средбата се разменија позитивни впечатоци за досегашната одлична меѓусебната соработката и беше истакнато дека таа ќе продолжи и во иднина.
Со цел продлабочување на трговската соработка и унапредување на извозот на македонските земјоделско-прехранбени производи, со Народна Република Кина веќе е потпишан Меморандум за разбирање за понатамошна соработка во земјоделството и Протокол за фитосанитарни услови за извоз на тутун од Република Македонија во НР Кина, со што формално правно веќе е овозможена соработката во областа на земјоделството.