Недела за безбедност на пешаците во Република Македонија

Министерката за внатрешни работи м-р Гордана Јанкулоска заедно со претставниците Републичкиот совет за безбедност во патниот сообраќај, со денешното делење зелени и црвени флаери за правилно однесување на пешаците во сообраќајот на кружниот тек кај СП „Планет“ во скопски Ѓорче Петров го означија почетокот на кампањата во рамки на –“Неделата за безбедност на пешаците во Република Македонија“ која ќе трае до 7 април.

Статистиката, според министерката Јанкулоска, покажува дека годишно околу 40 лица го губат животот во сообраќајни несреќи како пешаци, а дури 200 сообраќајки се предизвикани од лица кои несовесно се однесуваат во сообраќајот како пешаци.

Превентивната активност, како што изјави Јанкулоска е наместо вообичаеното изрекување казна од 3.000 денари за непрописно поминување, да им се делат флаери на пешаците и тоа зелениот за оние кои правилно се однесуваат, а црвениот како опомена.

“Минатата година речиси една петина од вкупната бројка на жртви во сообраќајот се пешаци, а заедно со моторциклистите и велосипедистите, пешаците сочинуваат една половина од загинатите во сообраќајни несреќи, посочи министерката Јанкулоска.