Висока делегација од Женева утре во посета на Црвен крст Охрид

Бројните активности на Црвен крст Охрид, засновани на ширење-дисеминирање на знаењата и идејата на движењето на Црвениот крст, од самите зачетоци на хуманата мисија отелотворени во основоположникот на идејата и движењето на Црвениот крст, швајцарскиот трговец Henry Dunant (Анри Динан) и во таа насока, бројните признанија што Црвениот крст ги добива во национални и меѓународни рамки, беа повод, во официјална посета на Црвен крст Охрид да претстојува  висока делегација од Женева, предводена од Roger Durand (Роже Дуран) Претседател на Асоцијацијата на Анри Динан за Женева, заедно со  Elizabethe Moynier (Елизабет Моние) и Michele Moynier (Мишел Моние) потомци на Gustave Moynier (Густав Моние), швајцарски правник и прв соработник на Анри Динан, кои се воедно и членови на претседателството на Асоцијацијата на Анри Динан во Женева.

Раководството на Црвен крст Охрид ќе има работна средба со гостите од Женева во просториите на Црвен крст Охрид, утре, на која ќе се презентираат дел од реализираните активности на Црвен крст Охрид, со цел да се продлабочи и дефинира идната соработка со Асоцијацијата Анри Динан од Женева.

Пред почетокот на работната средба, гостите од Женева и претставници на Црвен крст Охрид ќе положат свежо цвеќе пред споменикот на Анри Динан.

Инаку, во соработка со оваа асоцијација, Црвен крст Охрид,  во 2006 година постави биста на основоположникот на движењето на Црвениот крст, Анри Динан, единствена во Р.Македонија, пред седиштето на нашата организација.