Како и изминатите изборни циклуси така и овој, во функција на спроведување фер и слободни избори МОСТ започна со активностите за набљудување на изборниот процес. За набљудување на двата круга од Претседателските и Предвремените парламентарни избори 2014 ќе бидат ангажирани вкупно околу 2200 набљудувачи, на целата територија на Република Македонија.
„Бројот на набљудувачи по круг се уште не е одреден. Како и минатите години така и оваа, распоредот на набљудувачи по општини ќе биде еднаков, односно ќе имаме еднаква покриеност во сите општини во РМ. Повикот за набљудувачи заврши на 29 март, а како и секогаш интересот беше голем. Набљудувач во мисијата на Граѓанската асоцијација МОСТ може да биде секој граѓанин со право на глас, кој е подготвен непартиски, непристрасно и објективно да го набљудува процесот и да известува за наодите. При селектирањето на набљудувачите предност имаа оние кои во веќе биле ангажирани како набљудувачи на МОСТ на претходните изборни процеси.“- вели за WebOhrid, Теодора Поповска, задолжена за односи со јавност во МОСТ.
Како што рече Поповска, за пријавените граѓани во наредните денови ќе биде организирана специјална обука, а истите потоа ќе бидат распоредени на гласачките места како набљудувачи.
„Заради сеопфатна оценка за текот на изборите, набљудувачи на МОСТ веќе ги следат текот на предизборната кампања и работата на изборните органи. Поради комплексноста на двата изборни циклуси кои течат напоредно, а заради задржување на истиот квалитет на добиени податоци како на претходните изборни циклуси, оваа година на денот на гласање нема да има набљудувачи во 2 смени, туку сите ангажирани ќе го набљудуваат гласањето на гласачкото место, од отворањето до објавувањето на резултатите.“- додаде Поповска.
WebOhrid