Во завршна фаза се активностите за разубавување на населбата Канео што Општина Охрид ги започна пред околу еден месец. Изминатиов период надлежните служби од ЈП „Градски гробишта“ работеа на санирање и реконструкција на потпорните ѕидови, а се изврши поправка на патеките кои од главниот пат што е во непосредна близина на црквата Св. Јован – Канео водат кон кафеаните и плажите „Канео“ и „Потпеш“.
Деновиве во населбата Канео, завршува и поплочувањето на една од уличките – сокачињата во должина од 35 метри. Поплочувањето е благороден чин со оглед на тоа што вредните мајстори носат автентични камења од горниот дел на населбата и непосредно пред редењето рачно ги обликуваат .
Инаку според предвидениот план на локалната самоуправа за уредување на населбата Канео, старите улични канделабри и фенери треба да бидат заменети со нови кои ќе бидат во склад со спецификите на старото градско јадро.