Во рамки на разубавувањето на стариот дел од Охрид, денес ЈП „Градски гробишта“ започна со средување на просторот пред црквата Св.Софија и истоимениот ресторан, каде долг период несовесни возачи ги паркираа своите автомобили нагрдувајќи го изгледот на ова атрактивно место кое е привлечно и посетувано од туристи особено во летниот период од годинава. Денес на овој простор се поставуваат жардињери со цвеќе, а наредниот период ќе бидат поставени клупи за седење. Просторот ќе биде и хортикултурно уреден со што охриѓани ќе добијат привлечно катче за одмор и уживање во срцето на Охрид.
Инаку, надлежните од ЈП „Градски гробишта“ денес работат и на поправка и санација на делот околу малата фонтана што е во непосредна близина на црквата Св. Софија.
Долги години наназад охриѓани кои живеат во овој дел од градот, посакуваа ова благородно место на кое е катедралната црква Св.Софија да го добие заслужениот лик со кој подобро ќе бидеме презентирани пред бројните гости од земјава и странство. Разубавувањето на стариот дел на Охрид започна после обиколката на градоначалникот Никола Бакрачески во овој дел од градот и по средбите што тој ги оствари со варошани, а на која беа изнесени нивните потреби од областа на инфраструктурата.