Црвен крст Охрид денеска беше домаќин на висока делегација од Женева, делегација која ја претставува асоцијацијата на Анри Динан, основоположникот на идејата и на движењето на Црвениот крст, движење кое што денес брои преку 100 милиони членови и 189 земји членки од целиот свет.
Делегацијата ја предводеа претседателот на Асоцијацијата на Анри Динан за Женева- Роже Дуран, Елизабет Моние и Мишел Моние потомци на Густав Моние, швајцарски правник и прв соработник на Анри Динан.
„Делегацијата е составена од претседателот на асоцијацијата на Анри Динан, членови на претседателството, кои што воедно се и фамилија, односно потомци на првиот соработник на Анри Динан, кој заедно, со заеднички сили го формираа здружението на Црвениот крст, тоа е Густав Моние, значи негови претставници-внуци беа во посета. Поводот не е само активноста на Црвениот крст и се она што ние правиме за ширење на знаењата и значењето и идеите на Црвениот крст, не само овде туку и во меѓународни рамки.“ – изјави претседателот на Црвен крст Охрид, Сашо Точков.
Пред почетокот на работната средба, гостите од Женева, заедно со претседателот Точков и претставници на Црвен крст Охрид положија свежо цвеќе пред споменикот на Анри Динан.
Инаку, во соработка со оваа асоцијација, Црвен крст Охрид, во 2006 година постави биста на основоположникот на движењето на Црвениот крст, Анри Динан, единствена во Р.Македонија, пред организацијата на Црвен крст.
„Поводот беше нашата иницијатива која што ја дадовме, да се стави и обележје – спомен плоча токму на Густав Моние, затоа што овде во Охрид пред нашата организација имаме единствена биста на Анри Динан. Сметавме дека ќе е добро да ги шириме и да ги споделиме тие идеи на хуманоста и да отвориме и да ставиме спомен плоча на Густав Моние која ќе биде поставена утре пред седиштето на Црвениот крст во Битола.“– додаде Точков.
WebOhrid