Костоски: Средно музичко училиште ќе се гради во Струга, а не во Охрид

ОК на ВМРО-НП Охрид на денешната прес-конференција ја најави конвенцијата, односно претставувањето на кандидатите од листите на ВМРО-НП која ќе се одржи во недела (6-ти април) со почеток во 13:00 часот во Центарот за култура „Григор Прличев“.

Претседателот на ВМРО-НП Ванчо Костоски, на прес средбата напомна дека најважниот услов за кој што ќе се залага ВМРО – Народна партија е враќање на демократијата во Република Македонија.

„Без овој основен предуслов, значи, враќање на демократијата во целокупниот и во сите сегменти на живеење на граѓаните на РМ, нема ниту економски, ниту политички, ниту општествен, ниту било каков напредок на било која држава, а уште повеќе на Р. Македонија. Една од основните работи за која што ќе се залагаме ќе биде намалување на казнената политика во Македонија, односно на првата седница на парламентот, ќе се заложиме за намалување за 70% од сите казни во Р.Македонија. Единствената цел на движењето ДПМНЕ на оваа Влада предводена од движењето ДПМНЕ е држење под страв и под контрола, и на граѓаните и на фирмите во Македонија. Како носител на листата од ВМРО-НП на петтата изборна единица јас можам да Ви гарантирам дека после 27-ми април, сите фирми и сите граѓани ќе се ослободат од едни вакви стеги со новата Влада во која ќе учествува и ВМРО-НП.“ – истакна Костоски.

Костоски рече дека еден од многуте проблеми кои ги има Р.Македонија ќе се реши на следниот начин:

„Ние сме единствената партија што јасно и недвосмислено кажавме брз влез за Македонија во Европа, така и нашиот слоган на овие избори ќе биде „Европа сега!“. Ова што се залагаме не се само флоскули, изречени напразно реченици, нашата сигурност е тоа што го имаме сработено наназад, односно во периодот кога бевме во можност, тоа беше 1998-2002 година.“ – додаде Костоски.

Претседателот Костоски на прес-конференцијата се осврна на ветувањето кое беше дадено од страна на Локалната самоуправа, односно од градоначалникот Бакрачески, дека во Охрид ќе се изгради средно музичко училиште.

„Од нашите информации кои што ги добивме пред неколку дена, беше во Службен весник излезено дека такво средно музичко училиште ќе се прави во Струга. Нажалост, влијанието на целокупниот Општински комитет и Локалната самоуправа е многу помало од еден обичен пратеник во Струга, мислам дека госпоѓата Затуроска беше, очигледно дека нивното лобирање е многу поуспешно од целокупниот Општински комитет. Во тоа се гледа дека и нивната политичка партија покрај низата настани, недавањето на кредити, апсолутно неизградба на ниту еден капитален проект од страна на Владата на Р.Македонија, последен удар си зададоа самите на себе со тоа што ова средно музичко училиште ќе се гради во Струга, а не во Охрид. Можеби Струга не е далеку, па ќе слушаме музика оттаму.“ – заврши Костоски.

WebOhrid