Нов вид исклучително опасна за консумирање синтетичка дрога по првпат е регистрирана во Македонија.
Како што соопшти на денешната прес-конференцијата министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, станува збор за дрога која е стимуланс на централниот нервен систем сличен на кокаинот и амфетамините.
„Тоа што треба да ги загрижи граѓаните и ризичната популација е фактот што оваа дрога и дополнителните дејства од неа во последните години се причина за смрт на 99 лица во земјите членки на ЕУ“, рече Јанкулоска.
Таа појасни дека дрогата е пронајдена во Битола од Одделот за недозволена трговија со дрога при преглед кај битолчанка во вид на паковка со непозната прашкаста материја. Одземената материја била испратена во Одделот за крим-техника на Министертсвото за внатрешни работи од каде е утврдено дека станува збор токму за метилендиокси – пировалерон кое претставува хемиско име на оваа нова дрога. Истата прашкаста материја била пронајдена и кај друго лице во с. Трново, Битолско во количина од 10,17 грама. При претрес кај други лица меѓу кои и братот на девојката од Битола пронајдена е истата материја.
„За точно утврдената количина се уште се чека вештачење од Одделението за крим-техника на МВР, а во сите случаи кога лицата консумирале од оваа дрога општа карактеристика е дека се агресивни со неконтролирани движења, хиперактивни, а две под дејство на дрогата извршиле и разбојништва,“ подвлече Јанкулоска.
Бидејќи новата супстанца била непозната, а лицата кај кои е пронајдена при давањето исказ тврделе дека не е дрога и дека кај нас не е забранета, Јанкулоска додаде дека веднаш било реагирано и известено Министерството за здравство, односно Секторот за контролирани супстанции кое по вештачењето потврдило дека станува збор за нова дрога на пазарот која е синтетичка верзија на кокаинот. По ова се пристапило кон проширување на листите за класификација на супстанци при што меѓуресорска комисија со одлука ја забранило оваа супстанца. Поточно од 27 март оваа година оваа одлука на меѓуресорската комисија е објавена во „Службен весник“ со што овој вид дрога е внесена во прва категорија на опојни дроги. Освен оваа супстанца, во дополнетата класификација биле внесени и 14 други нови наркотици и нивни мешавини.
„Оваа појава на нови дроги за жал е особено зачестена изминативе години со засилениот развој на науката. Од 2005 година до сега на ниво на ЕУ се пријавени 300 нови видови наркотици“, рече Јанкулоска.
Се уште се испитува како дрогата дошла во Македонија, но Јанкулоска не ја исклучува и можноста таа да била подготвена од достапни хемиски супстанци.
Инаку, на денешната прес-конференција беше информирано и за нов случај на заплена на четири килограми марихуана и поголема количина таблети „екстази“ која била наменета за улична продажба на домашниот нарко-пазар. Во овој случај кој е реализиран во рамки н акцијата „Мрежа“ насочена против уличните дилери против две лица од Гостивар на возраст од 28 и 30 години во текот на денот ќе биде поднесена кривична пријава до Основното јавно обвинителство во Гостивар заради постоење основано сомнение дека сториле кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“. Дрогата била пронајдена во руинирана куќа во село Церово каде двете лица ја складирале. Двајцата гостиварци веќе минуваат во казнената евиденција на МВР за недозволена трговија со дроги за што им биле поднесувани и соодветни кривични пријави.
Досега во рамки на операцијата „Мрежа“ во рок од една недела приведени се над 30 лица и против нив се поднесени кривични пријави за недозволено производство и пуштање во промет на дроги, психотропни супстанции и прекурсори.