Во текот на 13-тата недела од 2014 година (од 24.03.2014 – 30.03.2014 година), во Република Македонија пријавени се 677 (МБ 3,3/10.000) новозаболени на групни пријави за заболени од грип, што е намалувaње од 41,6% во однос на минатата недела и 50,4% намалување во споредба со бројот на заболени во 13-тата недела минатата сезона .
Во однос на просечниот број на заболени за оваа иста недела во изминатиот 10-годишен период, се бележи зголемување за скоро 2 пати.
Во сезоната 2013/2014 (заклучно со 13-тата недела/ 2014 година) вкупниот број на заболени од грип во републиката изнесува 28.228 (МБ 137,4/10.000).
Во споредба со истиот период од минатата година, постои зголемување на вкупниот број на пријавени случаи во сезоната за 20,7%, а во однос на просекот за 10-годишниот период се регистрира зголемување за 58,8%.
Во текот на 13-тата недела нема регистрирано смртен случај асоциран со инфекција со вирусот на грип, а вкупниот број на починати лица во оваа сезона останува 12.
Дистрибуцијата на заболените од грип по месеци, покажува дека во февруари се пријавени најголем број на случаи со симптоми на грип – 50,6% од вкупниот број во целата сезона. Во јануари регистрирани се 24,1% од заболените, а во март – 21,5%.
Најголем број на заболени во текот на оваа сезона се регистрирани на територијата на ЦЈЗ Скопје – 4.017 заболени и ЦЈЗ Прилеп – 3.887, а најголем морбидитет (743,9/10.000) е регистриран во ПЕ Кавадарци
.Дистрибуцијата на заболени и морбидитетот по возрасни групи во сезоната 2013/2014 покажува најголем број заболени во возрасната група од 15-64 години – 65,0%, а најголем МБ (235,3/10.000) е регистриран кај децата до 4-годишна возраст.
Во текот на 13-тата недела од 2014, до вирусолошката лабораторија на ИЈЗ РМ пристигнати се 3 материјали за тестирање на грип, од кои 2 биле позитивни. Докажани се нетепизиран инфлуенца А вирус, како и инфлуенца Б вирус.
Од почетокот на сезоната 2013/2014, во оваа лабораторија се пристигнати вкупно 200 хумани материјали, од кои 124 или 62,0% биле позитивни на вирусот на инфлуенца.
Од позитивните, 89,5% материјали се конфирмирани како инфлуенца А, а кај 10,5% е докажано присуство на инфлуенца Б вирусот.
Од инфлуенца А позитивните, 17,1% се конфирмирани како инфлуенца A/H1N1pdm 09, 34,2% материјали се позитивни на инфлуенца А/H3N2, а 48,7% се нетипизирани инфлуенца А вируси.
Стапката на пријавување на заболени од инфлуенца/ заболувања слични на инфлуенца е во континуиран пад веќе пет недели со ред, што е знак дека сезоната 2013/2014 е веќе при крај, иако бројот на пријавени случаи во оваа сезона во Македонија е над просекот за десетгодишниот период 2003-2012.
Се очекува да продолжи трендот на намалување на активноста на вирусот на грип и во наредниот период, како и стабилизација на состојбата при крајот од сезоната.
Во циркулација се двата типа на вирусот на инфлуенца – А и Б, со доминација на вирусот на инфлуенца А.
Во електронскиот неделник на WHO – Euroflu за 12-тата недела, се наведува дека инциденцата на лица заболени со грип/заболувања слични на грипот и со акутни респираторни инфекции се врати на предсезонско ниво и под епидемиолошките прагови во поголемиот број од земјите од Регионот.
Процентот на позитивни тестирани примероци го следи трендот на намалување на инциденцата и забележан е сé помал број на позитивни примероци. Во Европскиот регион на СЗО ко-циркулираат и двата подтипа на инфлуенца А, инфлуенца A(H1N1)pdm09 и A(H3N2). Оваа сезона е многу низок процентот на детекција на инфлуенца Б вирусот.
Бројот на хоспитализирани пациенти со SARI се намали оваа недела. Најголемиот број на хоспитализирани случаи припаѓаат на возрасната група од 0-4 години, а опадна и бројот на позитивни тестирани за грип пациенти со SARI. Од почетокот на сезоната, 7 земји пријавиле 4.232 хоспитализации на пациенти, лабораториски позитивни на грип: 99% како резултат на инфекција со influenza A (воглавно A(H1)pdm09) и 1% со influenza B.
Пет земји пријавиле вкупно 351 смртни случаи, 99% поврзани со инфекција со influenza A (од субтипизираните, 81% – A(H1)pdm09 и 19% – A(H3)) и 1% со influenza B.