Одбележан Меѓународниот ден на спортот

По повод 6 април, Меѓународниот ден на спортот, министерот за образование и наука Спиро Ристовски и градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски го посетија средното училиште „Здравко Цветковски“, кое важи за едно од најактивните училишта на спортско поле. Во оваа прилика, Ристовски истакна дека развојот на училишниот спорт е меѓу приоритетите на министерството и дека Владата и МОН се фокусирани на два типа реформи со цел што повеќе основци и средношколци да се поттикнат да спортуваат.

„Едната е дисперзирање на паралелките на Спортската академија. Со распишаниот Конкурс за упис во јавните средни училишта, предвидени се седум дисперзирани паралелки и веќе почнува процесот на пријавување и селекција на ученици. Вториот фокус што си го поставивме е до 2016 година да се зголеми бројот на ученици вклучени во училишниот спорт. Нашиот план за наредните две години е на ниво на целата држава активно да бидат вклучени 100.000 ученици, наспроти сегашните 30.000“, рече Ристовски.

Градоначалникот Трајановски истакна дека од почетокот на неговиот мандат во 2009, Град Скопје формирал Сојуз на средношколски спорт во кој се вклучени сите средни училишта во главниот град. Формирани се 200 клубови во кои членуваат 5. 000 ученици и годишно се одржуваат околу 600 натпревари. Двете најдобри училишта учествуваат на државната гимназијада.

„Град Скопје вложува околу 2 милиона денари за функционирањето на лигата, зашто се плаќаат судии и дополнителниот ангажман на професорите. Исто така, годишно издвојуваме и по 1,5 милион денари за меѓународни натпревари“, рече Трајановски.
Министерот и градоначалникот истакнаа дека се задоволни од пласманот и резултатите што ги постигнуваат учениците на натпреварувањата. Додадоа дека влогот во спортот е најправилна инвестиција зашто на најмладите им носи и подобро здравје и физичка подготвеност.