Сто милиони евра ќе се инвестираат во наредниот период во комунална инфраструктура и изградба на хидросистеми за наводнување во земјоделството, а 600 милиони евра се наменети за земјоделски субвенции и рурален развој.
Ова го најави вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески при денешната посета на компанијата за производство на пластични маси „Конти Хидропласт“ во Гевгелија.
„Земјоделството може и понатаму да смета на силна поддршка од Буџетот. 600 милиони евра се наменети за субвенции и рурален развој во период од четири години, по 150 милиони евра годишно. Второ, ќе ја намалиме стапката на ДДВ на сточната храна од 18 на 5 отсто, затоа што тоа го бараа сточарите и тоа ќе помогне многу да се зголеми домашното производство на месо, млеко и млечни производи. Преку изградба на хидросистеми ќе овозможиме да се зголеми површината на земјиштето што се наводнува. Во тој случај хидросистемите „Коњско“, „Маркова Река“ и „Оризарска Река“ ќе бидат изградени. Исто така, планираме да се реализира и втората фаза од проектот Вардарска Долина, што е исто така значаен за јужниот дел на Македонија“, изјави Ставрески.
Според него, ова ќе даде силен имплус и развој на земјоделството, но и ангажман на домашни фирми како што е „Конти Хидропласт“ да пласираат свои производи.
„Конти Хидропласт е една од најдобрите фирми во Македонија во последните неколку години со одличен раст. Задоволен сум од она што го видов и слушнав дека компанијата освојува нови пазари. Како Влада во тој дел ќе помогнеме преку изградба на голем дел комунална инфраструктура и друга инфраструктура во општините во Република Македонија и со изградба на нови хидросистеми како што се Конско во Гевгелија, Маркова Река, Оризарска Река и многу други“, истакна Ставрески.
Сопственикот на компанијата Борче Маџунков рече дека за успешниот развоен пат на „Конти Хидропласт“ најголема улога одиграла комплетната посветеност на раководството и работниците и освојувањето на нови пазари.
„Пред две години почуствувавме последици од рецесијата, но таа е веќе минато“, изјави Маџунков.
Производите на „Конти Хидропласт“ се пласираат во сите земји на Балканот, а од скоро и во Италија,Чешка и Полска.