Здравството во Македонија оди напред и добро се развива. Меѓународна потврда за исправниот курс на македонското здравство добивме и од релевантна меѓународна организација – Европскиот индекс на здравствени корисници, кој оцени дека македонското здравство годинава напреднало за три места и е подобро рангирано од неколку европски држави или членки на ЕУ. Македонија исклучително високо котира на ранг листата на здравствените системи во Европа според вредноста на здравствените услуги што се добиваат, во однос на вложените средства и според овој критериум се наоѓа на седмо место.
Ова денеска на свечен собир во организација на Македонското лекарско друштво по повод одбележување на Светскиот ден на здравјето, го истакна министерот за здравство Никола Тодоров, кој рече дека многу високо е оценет електронскиот здравствен информатички систем „Мој термин“ кој се уште претставува реткост дури и во најразвиените здравствени системи. Тој посочи дека очекува наредната година скокот на здравството да биде уште поголем затоа што во меѓувреме, како што рече, се направени крупни чекори кои не се нотирани во овој претходен извештај.
„Очекувам до септември да бидат нотирани сите работи кои ги направивме во овој период од септември до април и наредната година да имаме уште посилен скок напред на македонското здравство, имајќи ги предвид тука силните едукации кои ги правиме, етаблирањето на „Мој термин“, проектите за државна кардиохурургија, неонатална кардиохирургија, комплетна гасификација на Клиничкиот центар во Скопје, на ГОБ „8 Септември“, Поликлиниката Букурешт, како и ПЕТ центарот чија градба е во тек итн. Проектот за воведување 100 нови методи во здравството веќе е почнат и се реализира во делот на едукација на докторите. Очекувам дека проектот за воведување 100 нови методи во здравството, како и другите проекти кои ги спроведуваме ќе помогнат за уште посилно унапредување на здравствениот систем во Република Македонија. Проектот за државна кардиохурургија ме прави особено горд затоа што по повеќе децении ја формиравме таа ЈЗУ, а веќе се извршени и првите две интервенции. Сега докторите одат на едукација тука, па потоа ќе одат во странство“, потенцира Тодоров.
Неонаталната кардиохирургија, истакна министерот, е проект кој многу значи за здравствениот систем и одлично се развива.
„Проектот за воведување 100 нови методи во здравство се однесува на едукација и воведување нови методи во општите и клинички болници во Македонија односно дисперзирање на поголем број квалитетни здравствени услуги во поголем број центри во државата и на тој начин избегнување на чести и непријатни патувања на пациентите од внатрешноста кон Скопје, како и воведување нови методи кои досега не се работат во Македонија и за кои пациентите биле испраќани во странство, а кои би се вовеле на клиниките во Скопје“, посочи Тодоров.
Функционира интегрираниот здравствен информатички систем, тоа е „Мој термин“ и сите здравствени работници се вмрежени.
„Сите болници, матични лекари, аптеки и клиники, комплетно сите здравствени установи се вмрежени. Единаесет илјади здравствени работници се вмрежени во системот на различни нивоа и тоа е по сите параметри интегриран здравствен информатички систем. Досега 15 милиони рецепти, 12 милиони лекови и над 3,5 милиони упати се издадени преку овој систем и се креирани некаде околу два милиони досиеја односно извештаи од извршени прегледи. Можам да кажам дека во овој сегмент комплетно функционира системот и издадени се огромен број на електронски здравствени картички“, рече Тодоров.
Претседателот на Македонското лекарско друштво, Јован Тофоски оцени дека продор во здравството е направен со новата медицинска опрема.
„Направен е голем скок кој велам дека е за четворка, не велам за петка бидејќи можеби кадарот се уште не е дообучен, но тоа брзо ќе биде. Тоа е одлично, но во некои други работи се уште заостануваме во таа мрежа иако се работи на тоа, но тоа преку ноќ не може да се направи. Јас спомнав денеска на работа дека нашата анкета за задоволството на лекари покажува дека луѓето се незадоволни. Не е тоа само плата, не е само пари, некој однос итн., треба тоа да го изанализираме и тука треба да се поправи тоа затоа што тоа е значајна компонента за успешна работа на здравствениот систем“, додаде Тофоски.