Заврши промотивната тура „Охрид 2014“

Во рамки на активностите  предвидени со Годишната програма на Секторот за туризам и локален економски развој при општина Охрид, во заедничка соработка со туристичко – угостителските субјекти од Охрид  деновиве успешно беше реализирана “Промотивната Тура Охрид 2014“ која се одржа од 04 до 06 април 2014 година, на која присуствуваа околу 40-тина претставници од туроператори, туристички агенции и медиуми од Турција, Албанија, Србија, Бугарија, Русија и Косово.

promo_tura_400_2

 За остварување на целта, подобро запознавање со културните и природните убавини,  туристичките потенцијали и можностите кои ги нуди градот, гостите имаа можност да се уверат во тоа преку разглед и обиколка на стариот дел на градот и културно историските споменици и обележја.

promo_tura_400_1

Остварени беа посети на повеќето хотели во охридскиот регион, каде што гостите се запознаваа со сместувачките капацитети. Воедно, се одржаа и директни средби помеѓу нив и претставници на туристичкиот сектор, при што беа склучени и неколку договори за закуп на хотелски капацитети и ресторански услуги.
Посебен акцент беше ставен на алтернативните форми на туризам, при што гостите може да уживаат во џип турата од с. Куратица, Плаќенска планина, Речица и назад до Куратица, како и да се уверат во останатите рурални средини со потенцијал за развој на рурален туризам во охридскиот крај. Впечатлива беше дегустацијата на селска храна во селото Скребатно карактеристична за нашето поднебје. Присуните имаа можност да го посетат и Манастирот Св. Петка во селото Велгошти.

Од посетата на Националниот парк „Галичица“, гостите можеа да се уверат во можностите за активен туризам преку посетата на Нуркачкиот центар „Амфора“ и наколното живеалиште кај Градиште, организација на планинарски тури (пешачки и велосипедски) како и кампинг туризам и параглајдинг на Галичица.

promo_tura_400

Мистичноста, мирот и спокојот на Манастирот во Свети Наум несомнено остави силен впечаток за што и самата телевизиска куќа TGRT од Турција ќе спомне во својата репортажа која ќе биде емитувана во 4 емисии.
Охрид ќе се најде и во Магазинот на Holiday Medya каде на 4 страници ќе бидат опишани убавините на стариот Охрид и Охридското Езеро како посакувана туристичка дестинација.

На овој начин, сите присутни гости имаа можност на лице место да ги видат сите потенцијали на охридскиот туризам и понудата која можат да ја вклучат во своите туристички аранжмани, при што изразија подготвеност за зголемување на аранжманите кои ги нудат за Охрид преку засилена кампања и зголемен број на туристички понуди.Планирано е ваквата „Промотивна тура“ да има традиционален карактер, па поради тоа општина Охрид планира да издвои и поголема сума финансиски средства за реализирање на активностите и збогатување на туристичката понуда.