Ставрески: До 23.000 евра за младите кои сакаат да почнат бизнис

Главна цел на програмата на ВМРО-ДПМНЕ за следните четири години е вработување на младите лица и во таа насока се предвидени повеќе добри проекти, изјави  Зоран Ставрески, носител на кандидатската листа за пратеници од ВМРО-ДПМНЕ во Четвртата изборна единица.

„Секој млад човек кој сака да се самовработи може да добие 7.000 евра за сопствено вработување, а може да вработи уште четири лица во истата фирма кои ќе добијат по 4.000 евра. Значи вкупно 23.000 евра е финансиската поддршка што е предвидена за самовработување и средствата се даваат на вкупно седум години од кои една и пол година е грејс-период и пет и пол години рок на враќање“, рече Ставрески.

Втората мерка, како што поосчи, е плаќањето на придонесите за младите лица и персоналниот данок. Доколку бидат вработени од страна на работодавач, Владата ќе ги плати придонесите за здравствено, пензиското и социјално осигурување за 12 месеци, а работодавачот ќе биде ослободен од персонален данок. За сметка на тоа работодавачот се обврзува да ги здржи на работа уште дополнителни 12 месеци, а може и повеќе.

„Со вакви мерки, како и со отворањето на работни места во слободните и индустриските зони новите фабрики што ги очекуваме во следниот период, очекувањата се дека драстично ќе се намали невработеноста кај младите лица, односно ќе се отворат многу нови можности за вработување на младите“, изјави Ставрески.