Честитка од премиерот Груевски по повод големиот христијански празник – Велигден

Премиерот на Република Македонија, Никола Груевски со честитка по повод најголемиот христијански празник- Велигден до Поглаварот на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, Архиепископ Охридски и Македонски Господин Господин Стефан, како и до сите православни верници од Македонија и дијаспората.

„Со голема чест и радост во мое лично име и во името на Владата на Република Македонија, Вам, на членовите на Синодот и на сите православни верници од Македонија и дијаспората, Ви го честитам големиот Христијански празник – Велигден и Ви пожелувам благословени и среќни празнични денови.

Овој прекрасен ден е темелот на нашата вера, нашето постоење и нашата иднина. Денес го празнуваме чинот кога нашиот БОГ ни даде можност на нас луѓето да сведочиме за неговите чуда, да учиме од неговата благост и да го следиме по неговиот пат. Велигден е празник и на семејството, на човечноста и на солидарноста, празник кој зближува и носи порака на заедништво, мир и разбирање. Ваквите вредности се темелот на развојот во било кое поле и во секоја област. Меѓусебното разбирање и почитта е енергијата која отвора можности и дава шанса за напредок.

  Празнувајќи го Велигден, да си посакаме Божји благослов и поткрепа за секој еден верник, за секое наше семејство, за целото наше православие, за Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, за секој наш православен храм и за целата наша држава Република Македонија.

 Нека Бог не чува и нека ни помогне во сите наши искушенија. Нека го зацврсти единството и нашата верба, нека ја умножи љубовта и радоста помеѓу луѓето, нека дари рожби и повеќе деца во нашите семејства, нека ни даде мудрост и сила да ги зацврстиме и унапредиме заедничките вредности на кои се развива македонското општество.

Нека е за многу години големиот христијански празник ! Нека е за многу години радосната вест! ХРИСТОС ВОСКРЕСНА! НАВИСТИНА ВОСКРЕСНА !“– стои во честитката на премиерот Груевски.