Денешните парламентарни и претседателски избори досега минуваат во мирна, фер и демократска атмосфера на целата територија на Република Македонија. Буквално на ниту едно гласачко место низ целата држава не се регистрирани никакви посериозни проблеми, ниту пак имало нарушување на процесот на гласање.
До овој момент до регионалните штабови и до републишкиот штаб на Министерството за внатрешни работи, како и до полициските службеници кои од утрово се распоредени на терен, нема ниту една посериозна пријава или барање за асистенција од избирачките органи, политичките партии и невладините организации.
Оттаму, може да заклучиме дека Македонија денеска гласа достоинствено и демократски согласно највисоките европски стандарди. Припадниците на Министерството остануваат на терен се до завршување на гласањето и се надеваме дека и во овие неколку часа до затварањето на гласачките места, граѓаните ќе продолжат да демонстрираат извонредно чувство и свест за значењето на денешните избори за иднината на земјата.
Штабот на Министерството продолжува да функционира каде остануваме отворени за проверка на сите информации кои стигнуваат до нас и до нашите пријатели од меѓународната заедница кои од утринава учествуваат и ја следат работата на штабот.